Достапни линкови

Многу семејно насилство, малку пријави


Центар за социјални работи Дебар

Дебар и Центар Жупа се мали општини, па поголемиот број на насилства се дознаваат многу брзо, но сепак ретко се случува да се пријавуваат.

Расте семејното насилство во општините Дебар и Центар Жупа, но и понатаму поради традиционалниот менталитетот бројката на пријавени случаи во споредба со вистинската е многу помала. Со оглед дека и двете општини имаат мал број на жители, поголемиот број на насилства се дознаваат многу брзо, но сепак ретко се случува насилствата да се пријавуваат кај надлежните институции. Во една ваква состојба во центарот за Социјални работи во Дебар информираат дека има пораст на регистрираните случаи на семејно насилство.

„Во 2015 година имавме регистрирано 9 случаи на семејно насилство додека минатата година, односно 2016 година, бројот е поголем и тој изнесува 14 случаи. Станува збор претежно за лица кои се членови на семејства со нарушени партнерски односи, потоа на семејства со социјални проблеми и многу големи материјални проблеми, како и други семејства“, вели социјалниот работник и одговорен за оваа проблематика во Центарот за социјални работи, Исмаил Мерсимоски.

Според него, сопругите најчесто се жртви на насилство, но има и насилство врз родители.

„Во Центарот, по добивање на пријавите од страна на надлежните институции, како што се МВР и Судот, се преземаат мерки за утврдување на степенот на насилството. Потоа се врши, ако има потреба, и заштита на жртвите во согласност со законот. Инаку најчесто жртви во семејното насилство се сопругите, но има и случаи кога жртви се родители кои се малтретираат од страна на своите синови, поради имотно правни односи“, вели тој.

Често пати бројните проблеми во семејството, кои започнуваат со насилство, завршуваат со разводи. Невладиниот сектор во Дебар има организирано неколку проекти за заштита на жената од насилството и се верува дека токму овие проекти влијаеле врз зголемувањето на храброста кај жртвите насилството да го пријавуваат.

  • 16x9 Image

    Кенан Мимидиновски

    Кенан Мимидиновски, роден 1954 во Дебар. Завршил Правен факултет во Скопје, а со новинарство професионално се занимава 30 години. Најпрвин во Радио Дебар како новинар, а подоцна 12 години и како главен и одговорен уредник . Дописник на Радио Слободна Европа од Дебар е од 2001 година.

XS
SM
MD
LG