Достапни линкови

„Скршената стомна“ како симбол за скршениот получовек


Macedonia - Theatre play "Broken Steel".

Работена како осма по ред сопствена продукција, на 30 декември, на сцената на независниот битолски „Интимен театар“, својот засебен живот го започна претставата „Скршена стомна“. Станува збор за проект работен по мотиви од германскиот писател Хајнрих Фон Клајст и авторски текстови на Билјана Крајчевска, што како режисер го потпишува Софија Ристевска Петрушева и којшто се бави со „скршениот получовек што изчезнува под тежината и суровоста на капиталот“.

Независниот битолски „Интимен театар“, на самиот крај на минатата дефинитивно туробна 2016 година, со нов почеток. Со исправање на сцена на нов театарски проект - „Скршена стомна“. Станува збор за претстава работена по мотиви од германскиот писател од почетокот на 19 век Хајнрих Фон Клајст и авторски текстови на Билјана Крајчевска, што со својот веќе препознатлив творечки ракопис ја потпишува режисерката Софија Ристевска Петрушева.

Говорејќи за актуелната поставка таа забележува дека „Скршената стомна“, е претстава за човекот на 21 век, којшто е претворен во шуплива кукла, манипулирана само и единствено од моќта на капиталот. Дека Емоциите, љубовта и семејните социјални врски, сè поретко се појавуваат во секојдневието на човекот, што е пласиран и определен само и единствено од пазарот на трудот.

„Кариерата и финансиската моќ се ставени пред основните човечки начела и принципи. Инстант живеењето нè осакатува и нè претвора во осамени, егоистични и антисоцијални индивидуи. Во натпреварот за поуспешна и поисплатлива кариера, станува сè потешко да се создадат семејство и поколение, па оттука се поставува прашањето дали капиталот е доволно добар за да го замени нашето неродено дете, нашите љубовни врски... Дали капиталот е доволно емоционален да го замени човечкиот стремеж за социјална припадност?“, вели Ристевска - Петрушева.

Во натамошната експликација режисерката потенцира дека всушност „Скршената стомна“ е расказ за изгубениот и заблудениот човек што нема капацитет да се бори, а секогаш го избира патот на финансискиот прогрес. Вели дека со помош на огромната индустрија, таканаречена „пластична хирургија“, надворешноста се доведува до перфекција, а душевноста затапува и го губи својот фокус. Оттука и идејата дека по улиците шетаат полумртви кукли, жртви на чудовишниот капитализам, што пополека се прекршуваат и ја губат својата животна рамнотежа.

„Сршената стомна“ е симбол за скршениот получовек што изчезнува под тежината и суровоста на КАПИТАЛОТ – констатира Софија Ристевска - Петрушева.

Специјална гостинка во проектот е госпоѓа Летка Андреевска, која преживеала рак на дојка, но не дозволила болеста да ја скрши и токму за тоа говори во претставата, а дејствието во „Скршена стомна“ го носат актерите Никола Пројчевски и Маја Андоновска Илијевски.

„Во „Скршена стомна“ немам конкретен лик којшто го градам туку играм лик на една жена. Се играм себе си и ги играм сите жени за кои верувам дека во таа претстава ќе се препознаат на овој или на оној начин. Работите коишто ни се случуваат во секојдневието, од обичниот живот пред сè, а потоа и до сериозните проблеми со кои се соочуваме и како жени и како луѓе, сметам дека за публиката ќе бидат многу интересни за гледање пред се заради специфичниот начин на актерска игра којшто опфаќа не само игра, туку пеење и танцување. А од друга страна и затоа што на еден всушност обичен, а многу необичен начин, стигаме до многу сериозни теми како што се индитрофертилизацијата т.е. борбата на многу жени да стигнат до свое дете, потоа за темата за рак на дојка бидејќи таа чума на 21 век е толку многу присутна во нашето живеење што беше неминовно да стане дел од нашата претстава. А, исто така и за тоа каде сме, кој сме , кој е нашиот идентитет и дали во оваа земја во која живееме, работиме , се бориме – има или нема живот“, ќе рече актерката Маја Андоновска Илијевски, на која ова и е шестиот проект со режисерката Ристевска – Петрушева токму во независниот битолски „Интимен тетар“.

Инаку, и во „Скршена стомна“ за кореографијата задолжен бил постојаниот соработник Кире Миладиновски, дизајнот на звук го изработил Златко Кузевски, за светлото се погрижил Томе Ѓорѓиевски, шминката е на Ксенија Вангеловска, фризурите на Кристина Серафимовска Кики, фотограф е Петар Тасевски, а зад вкупниот изглед на проектот застанал Владимир Видановски.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG