Достапни линкови

Собрание сега, влада догодина


Лидерот на ДУИ, Али Ахмети во Собранието на Македонија.

Партиите од македонскиот блок негираат дека има преговори за формирање нова влада, па затоа и не даваат повеќе детали на прашањето дали се прифатливи барањата на албанските партии. Дел аналитичари велат дека е невозможно сценариото преговорите да завршат без успех.

Со доделувањето на уверенијата на новите пратеници од страна на Државната изборна комисија денеска и официјално завршија предвремените парламентарни избори. Вниманието на јавноста сега е свртено кон следниот предизвик на политичката сцена, а тоа е формирањето на новата влада. Лидерот на ДУИ, Али Ахмети веќе изјави дека нема да ги разочара Албанците со одлуката со кој ќе влезе во новата влада, но негираше дека засега има преговори со лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.

Врачени уверенијата од ДИК за освоени пратенички места
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:28 0:00

И од Социјалдемократскиот Сојуз велат дека преговори се уште нема. Поради чувствителноста на ситуацијата, не откриваат детали за тоа дали за нив се прифатливи барањата на албанските партии. Повеќе информации најавуваат по конститутивната седница на Собранието и почнувањето на преговорите.

На прашањето дали почнаа преговорите со албанските партии и дали за нив се прифатливи нивните барања, од ВМРО-ДПМНЕ кратко одговорија дека како победници на изборите кои ја добиле најголемата доверба од граѓаните да состават влада, навремено ќе ја информираат јавноста за преземеното во оваа насока.

Политичките аналитичари велат дека неколкуте барања на албанските партии не се невозможни и неприфатливи за македонските партии. Преговорите би можеле да запнат единствено кај прашањата за двојазичноста и беспрекорното функционирање на СЈО, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ целата своја кампања ја разви врз блокирањето на двојазичноста и теоријата дека таа води кон федерализација, смета политичкиот аналитичар Алберт Муслиу.

„Сигурно ќе биде потешко ако го прифатат тоа да го образложат пред своите поддржувачи и гласачи врз основа на што и ги добија гласовите, а второто прашање, кое мислам дека е потешко, е продолжувањето и дефинирањето на траен мандат на СЈО, имајќи го предвид односот и релациите на ВМРО-ДПМНЕ со СЈО. Мислам дека и тоа ќе биде камен на сопнување во преговорите“, изјави Муслиу.

Рамномерното трошење на државниот буџет и консензуалното, владеење според Муслиу, не се проблематични точки и произлегуваат од Пржинскиот договор, кој сите партии го потпиша, а и на кој се обврзаа. Процесот на преговори нема да застане на овие прашања, вели Муслиу. Сценариото преговорите за формирање влада да завршат без успех, за Муслиу е невозможно.

„Не верувам во варијантата дека со ниедна страна не можат да се договорат, затоа што тоа отвара други прашања и се влегува во сива зона. Затоа што, ако албанските партии не можат да се договорат со ниедна од македонските партии, тогаш нови избори не решаваат ништо, оти може да се отворат потешки политички прашања врз кои Албанците би инсистирале на промена на моделот на владеење“, дециден е Муслиу.

Во интервју за телевизијата Алсат-м, Ахмети не је исклучи можноста Македонија да остане без влада ако не се прифатат неговите барања за унапредување на правата на Албанците. Тој оцени дека „кај македонските партии треба да надвладее разум, бидејќи најштетна алтерантива за земјата е да остане без влада“.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG