Достапни линкови

Леб и сол со „Симфонија“ проштално во МОБ


Прес-конференција за концерт на Леб и сол.
Прес-конференција за концерт на Леб и сол.

На 40-годишнината од формирањето и официјално во историјата заминува големата македонска музичка легенда - ЛЕБ И СОЛ. Својот проштален концерт го именуваа како „ЛЕБ И СОЛ Симфонија“.

Музиката се уште постои во нас, меѓутоа скалилата по кои се качувавме цел живот просторно и временски се потрошија. Единствено останаа духовните скалила, а тие можат да бидат и приватни. Така да ова ќе биде еден убав чин точно пред новогодишните празници да ви понудиме нешто што навистина ќе ви се допадне, ќе ви ја исполни вашата душа и ќе ви ги оплемени чувствата со нешто убаво што толку години постоело во Македонија.

Со овие бирани зборови басистот Бодан Арсовски ќе го најави прошталниот концерт на ЛЕБ И СОЛ, групата којашто со фузијата на џез-рокот со етно-елементите го „помакедончи современиот западен музички израз“ и на тој начин ја исцрта траекторијата по којашто ќе се движи домашната сцена од средината на 1970-те наваму.

Арсовски дополнува дека и не му е криво што престануваат со делувањето оти, како што вели, тоа е природен чин. Нешто што доаѓа самото по себе. Како пример за тоа се зема себе си и истакнува дека тој во изминативе две-три години не напишал ништо ново.

„Дали е заради тоа што можеби јас сум истрошен или е можеби нешто што доаѓа од некои надворешни сили поради кои не творам...Имам големо задоволство кога ќе ја земам гитарата во раце, но после тоа не чувствувам дека нешто ново правам. Постојано и упорно си го вртам она старото“, вели Арсовски.

Од таму, тој не случајно ќе рече дека се решиле да му се вратат на проектот „ЛЕБ И СОЛ Симфонија“ од летото 2012 година за кој Кокан Димушевски има распишано прекрасни аранжмани и со кој во изминатиов период имаа дузина успешни перформанси во регионот и, конечно, со него најнапред да се простат од публиката во Македонија, а потем и од почитувачите во соседните земји.

За таа цел, во случајов, одбрале 15 композиции („Деветка“, „Бистра вода“, „Учи ме мајко, карај ме“, „Ајде сонце зајде“, „Галеб“, „Си заљубив едно моме“, „Астролаб“, „Јовано, Јованке“ ...) од целиот период на постоењето на групата - од почетокот на кариерата во доцните 1970-ти се до последниот албум „И така натака“. Посегнале по оние што се податливи за симфониски израз и што овозможуваат да бидат вметнати во една целина во која идеално ќе е се вклопат четворочлениот состав, оркестарот и хорот на МОБ.

„Целиот тој процес беше интересен, но наедно и многу „захтевен“. Не смеевме да си играме со нешто што во основа е добро, што е одлично такво какво што е...Тоа не смее да се расипе. Едноставно требаше нему да му се даде една нова боја, нов лак, поинаков финиш и како такво да си има свој поинаков живот. Впрочем, ќе дојдете на концерт и ќе слушнете каде сме отишле“, вели клавијатуристот Кокан Димушевски.

И тој појаснува дека чувствува оти секој од нив четворицата е во некаков свој личен и животен круг или циклус, и дека е редно да и се стави крај на приказната за да се отвори нешто ново.

„Она сè што остана зад нас како музика, албуми, снимки, концерти, турнеи...тоа сè си стои. Музиката што ја направивме се надевам дека ќе остане барем уште 40 години, така да нема лесно да се ослободите од нас. Едноставно ќе ги нема само концертите бидејќи во Македонија нема повеќе да свириме под името ЛЕБ И СОЛ. Ќе има шанси за нешто друго – за дуети, за трио, за солистички кариери...Тоа сето си стои. Еве јас планирам лично да работам, да творам до 110 години, а за понатаму ќе видиме“, вели Димушевски.

Инаку со ова серија на концерти на ЛЕБ И СОЛ, гитаристот Димитар Божиков, кој патем ја имаше најтешката и најнеблагодарна задача да го замени виртуозот Влатко Стефановски непосредно по триумфалната турнеја во 2006 година, ја прославува првата декада од своето присуство во бендот, а тапанарот Михаил Парушев, кој е роден во годината кога е формиран ЛЕБ И СОЛ и кој буквално израснал и зреел со неговата музика, се уште верува „дека овде и не е крајот на неговата блескавата кариера и дека може да се случи чудо“.

Но, наспроти таквите „желби“, стои цврстото уверување на преостанатите дека е време за збогување, та затоа Арсовски во своето посегање по минатото знае да каже дека за најсветли моменти од плодната кариера ги смета оние од почетокот на делувањето.

„Почетоците беа чиста светлина. Тоа беше таква еуфорија да ние летавме како квантуми низ просторот. Зошто? Затоа што беше неверојатно брзо сето тоа што се случуваше околу нас. Од ден на ден станувавме се попопуларни и попопуларни. Секој ден бевме на насловните страници, концертните сали беа преполни...и сето тоа траеше три-четири години, а пројдоа како еден ден. Јас за овој четиридецениски период „укапирав“ неколку работи од кои една од најважните е дека сè во животот се одвива во некакви циклуси. Забележав дека 10 години циклус е нешто што се затвара и дека она што е претходно направено во тој период добива огромно значење. Дека се дефинира како реализирано и востановено. Тогаш можеш да направиш и некаква рекапитулација. После првите 10 години ЛЕБ И СОЛ стана популарен, славен...па имавме период на приземјување, за да по новиот лет во 1996 и официјално се растуриме. Па имавме 10 години пауза... во кои мене лично во приватниот живот ми се случија некои битни работи. И, сега можеби ќе речете дека музиката на ЛЕБ И СОЛ е надвор од времето, надвор од оригиналната музика. Можеби е надвор од времето, иако неодамна кога ќе слушнев некоја од првите наши композиции од првите плочи во денешно време ми звучат доста модерно што ми е доста чудно. Она што сме го направиле тогаш да биде денес авангарда ми е малку неразбирливо...Изгледа дека светот тргнал ептен надолу. Можеби таа музика што ја свиревме ние и оние слични на нас денес не е толку интересна, но јас верувам во цикличните појави и сигурен сум дека таа музика ќе се врати. Тоа не можам да го предвидам, но очекувам дека ќе се случи“, вели Арсовски.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG