Достапни линкови

Поповски - Промените ќе болат


Поповски - Промените ќе болат
please wait

No media source currently available

0:00 0:11:38 0:00

За подобрување на економската состојба, прво потребна е политичка волја, а второ мора да се понесат одредени жртви. Ќе треба некој или сите ние по малку да ги стегаме забите за да создадеме платформа за поголем успех, вели професор Никола Поповски во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Професор Поповски, политичката нестабилност веќе долго време го окупира нашето внимание, а познавачите од економијата, луѓето од вашата фела ќе речат дека економијата бара предвидливи услови за работа и пред сè стабилност. Колку и на каков начин политичката криза ќе се одрази на економските текови?

Оваа постизборната криза или криза на одвојување на едно големо сфаќање дека само една економска опција е можна, половина практично од граѓаните не ја прифатија претставува криза, но истовремено претставува знак дека економскиот концепт може да се промени. Така што јас на оваа криза сега гледам продуктивно, затоа што другата опција беше продолжување на досегашниот модел кој базираше на постулати кои горе-доле се исцрпени и кои не даваа резултати. Да наброиме некој од нив. Значи преголем нагласок на јавниот сектор, преголема контрола на економските механизми од страна на владата, или потиснување на пазарниот механизам, контролата ја има власта, понатаму потпирање на туѓата акумулација.

Друг еден модел кој сега се доведе под прашање, се доведе изборно под прашање, е потрошувачката, односно каде ќе се одлеваат јавните средства. Значи луѓето веќе не даваат гласови само за тој модел. Оваа криза може да значи преиспитување на тој модел. Секакви разлики ќе мора да се балансираат, но и фискалната политика ќе треба да се стави под поголема контрола, тоа значи и прекумерните трошења, политиката на јавен долг под контрола па дури и јавната потрошувачка.

Овие денови слушнав еден нов израз за инвестициите, а тоа се идеолошки инвестиции кои заземале стотици милиони, ако не и милијарда евра од македонскиот буџет, за споменици, за архитектури на антика, за барок, значи тоа се идеолошки генерирани не за потребите за економијата и животот, туку за идеологијата. И тие веројатно ќе почне да ги снемува.

Јас очекувам кризата да помине релативно брзо и да се формира нова влада со нова економска позиција. Она што е сигурно е дека старата економска концепција која некде од 2007, 2008 наваму се спроведува, нема да опстане, а тоа е економска политика која ги преферира изборните резултати на Владата, а не определбата за долгорочна економија на населението.

Прилично критичен беше и извештајот на Европската унија, особено во делот на економијата. Дали на крајот сè се сведува на немаше доволно политичка волја за да се спроведат економските реформи кои се бараат од нас или навистина се потребни потемелни мерки за подобрување на економската состојба?

Се плашам дека се потребни и двете. Не можеме да измериме колку од која, не знам дали се 50:50 или 60 со 40, но прво ни е потреба политичка волја, да имаме една среднорочна и долгорочна визија, а не визија до наредните избори и второ, мислам дека мора да се понесат одредени жртви. Сега можеби зборот е груб, но жртви да ни се намали потрошувачката итн. Со тоа што сегашната состојба после оваа 10-11 годишно владеење на сегашната економска филозофија во државата, не само што не ги отстрани потребните жртви во одреден период, туку во иднина ги зголемува жртвите. На пример прави чекори за кои знаеме дека во иднина ќе мора да се коригираат во спротивна насока. Значи создава потенцијални жртви. Еве да објаснам што мислам. Да речеме потенцијални жртви во реформите ќе биде јавната администрација, на еден или на друг начин, можеби никого нема да засегне на директен начин премногу, но вкупната потрошувачка за плати во јавната администрација мора да се смали. Дали ќе се смалуваат платите или нема да растат веќе или ќе се смали бројот на вработени или двете заедно, ќе има одредени жртви.

Тоа се тие непопуларни мерки.

Да. Понатаму, сите сме свесни дека во последните 7-8 години нивото на реалните пензии драстично се зголеми над нивото на реалните плати. Тие и едните и другите стануваат недоволни за живот, но едните многу брзо отидоа напред, отколку другите и сега тоа е малку дебаланс и ќе треба да се намали тој дебаланс и пак ќе има жртви. Други можни жртви се пензионерите кои допрва ќе дојдат, кои со самото нивно пензионирање ќе имаат перспектива врз идните 20-30 години колку ќе живеат во просек, намалени пензиски примања и сега сите тие жртви заедно кога ќе треба да ги соберете, ќе треба некој или сите ние по малку да ги стегаме забите за да создадеме платформа за поголем успех.

Целото интервју со професор Никола Поповски може да го погледнете во видео снимката на почетокот на овој текст.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG