Достапни линкови

„Непристојно е да прашувате зошто сме тука“


Зоран Ќука, уредник на македонската програма на Радио Слободна Европа.
Зоран Ќука, уредник на македонската програма на Радио Слободна Европа.

Од очите пламен, од устата бес се истура како напалм бомба за палење на масата зачинето со говор на омраза. И се да изгори за они да живеат. Богови ли се, луѓе ли се, што си играат со овој народ и оваа држава како со маалско гранапче.

Такви се деновиве. Многу реторички прашања со предвидливи одговори – на тема дали знаат што прават оние кои се качија на бина. Знаат, знаат и тоа добро знаат што прават и за кого прават.

И да не се правиме сега дека не знаеме зошто малата група која владее со ВМРО ДПМНЕ ги пушти гласниците да сејат страв и омраза.

Но, имаат право господинот од видеото, Роберт Вељановски директор на Драмски и актерот Крсто Јовановски од ГДОМ и веројатно иден пратеник од редовите на ВМРО ДПМНЕ да и се чуди на нашата новинарка зошто го прашува што бара пред ДИК, кога истиот тој ДИК не уважи ниту еден од приговорите на опозицијата. Тој можеби верува дека не треба воопшто да се разговара за приговорите на опозицијата за кои вели дека „правниците сметале дека нема правна основа“

И многумина други таму беа синоќа а и денеска се за да ја бранат изборната победа на ДПМНЕ. Така велат. И можеби веруваат во тоа. Ама од кого, кога ДИК не прифати ништо од приговорите на опозицијата!? Од кого кога никој не им ја крадеше!? Пологично ќе беше таму синоќа да се најдат приврзанците на опозицијата. Оние од Беса и СДСМ. Иако и од нивна страна да се случеше тоа немаше да биде во ред.

И многумина други знаат дека суштината не е дали ВМРО ДПМНЕ ќе остане на 51 а СДСМ на 49 пратеника туку таа лежи во стравот на ДПМНЕ дека никој нема да сака да коалицира со нив.

Свесни за тоа ја закрвуваат работата. Опозиционерот Заев во обид да смири ситуација, вели дека со политичкиот противник редовно комуницира, а другиов Груевски вели дека не го чул кој знае од кога???

Џабе им е тесна разлика кога најверојатно нема да се во позиција да формираат влада. Стравот има големи очи. Гледа многу понапред, а пред очи им е СЈО како реална „закана“ за фер судски процеси и можност да лежат во затвор. Тоа не е лесно за оние кои се навикнаа на „Сваровски судство“. За нив да се најдат во позиција на опозиција е крај на светот. Свесни за тоа врвот на партијата ги пушти керберите да манипулираат со цел да предизвикаат немир и страв. Што се може да се испили од тоа знаме сите, не сме улави. Нормални луѓе само би рекле пу пу скраја да е. Иако трпението на сите им е при крај старата македонска народна е „ трпение спасение“.

XS
SM
MD
LG