Достапни линкови

Од Ѕвездите до лулката - роман сага на Пејковска


Павлина Пејковска, писателка
Павлина Пејковска, писателка

„Од Ѕвездите до лулката“ е насловена втората објава на авторката Павлина Пејковска, чија промоција е планирано да се одржи оваа среда, на 23 ноември, во 18 часот, во книжарницата Култура во Скопје. Станува збор за „роман сага за семејството на благородникот Василиј Скопски, развлечен во едно мошне бурно време, некаде во средината на XIV век, пресвртно, лоциран во средината на Балканот, но и пошироко, распнат помеѓу христијанството и исламот, исправен во средината помеѓу две туѓи војски, обвиен со облакот на чумата, полн со верба и љубов“.

По три години од своето првенче, филозофскиот роман „Чуварот“ што се појави како издание на „Магор“, Павлина Пејковска еве ја со својата втора објава - „Од Ѕвездите до лулката“. Во рецензијата за него, Лилјана Пандева забележува дека отвора ново поглавје во македонската современа книжевност. Дека приказната во романот излегува од своите рамки и прераснува во нешто мошне поголемо - во сага, книжевниот жанр што е мошне малку или речиси воопшто не е застапен во домашната литература. Истакнува дека станува збор за сторија за семејството на благородникот Василиј Скопски, развлечена во едно мошне бурно време, некаде во средината на XIV век, пресвртно, лоциран во средината на Балканот, но и пошироко, распнат помеѓу христијанството и исламот, исправен во средината помеѓу две туѓи војски, обвиен со облакот на чумата, полн со верба и љубов.

Од таму, нималку не чуди кога таа потенцира дека во „Од Ѕвездите до лулката“, се опфатени „сите човекови радости и таги, веселби и страдања, тајни и вистини, и речиси сите општествени карактеристики: војни, братоубиства, глад, грабење девојки, убивање, палежи, но и образование, љубов кон ближниот, хуманост, крунисување на љубовта, простување на гревовите, прифаќање на тајните...“ И, сето тоа, како што вели, е „кажано и раскажано со ретко почувствуван спокој. Умешност на којашто очигледно Павлина Пејковска не само што ѝ е дорасната туку ѝ што ја надраснува“.

Пејковска, пак, од своја страна ќе рече дека пред сè со книгата сака да ги изрази своите емоции како личност, како човек, како жена, како мајка. Згора на тоа вели дека, како професор по филозофија и етика, таа ги почитува врвните етички принципи на соживот и дека токму преку содржината, преку облагородувањето на нејзините ликови, милува да го обелодени и својот поглед на нештата и светот што ја опкружува.

„Почнуваме од субјективното, но стремиме кон една објективната реалност кога сите луѓе треба да се посветат на најголемите етички принципи зашто само така може да имаме хумана егзистенција не само во нашето општество туку воопшто во светот. Затоа мојата порака е дека луѓето треба да си дадат шанса. Да се нурнат во себе си и да го најдат најскриеното во себе и да се посветат на своето семејство и на својата заедница со многу љубов“, вели Пејковска.

Родена 1963 година, Павлина Пејковска дипломирала на Филозофскиот факултет во Скопје. Како студентка пишувала поезија за која и била наградувана, меѓу другото и со Златна плакета на Југословенскиот фестивал на младите во Врбас. Работела како новинар во „Млад борец“, во Македонското радио, а периодично објавувала и текстови на актуелни теми од животот во електронските медиуми.

Инаку, по обелоденувањето на „Од Ѕвездите до лулката“, романот кој не ја доби институционалната поддршка од Министерството за култура и излезе како самоиздание на 440 страници, авторката веќе започна да ги испишува редовите на своето идно книжевно дело. Доследна на жанрот, таа истакнува дека би сакала да ги продолжи потрагите од изминативе три години, да остане сè уште кај документите врзани за Македонија и за 14 век и најавува нова книга чиј работен наслов е „Лов на разбојници“.

„Посебно ме привлекува тој период. Прво поради природната убавина на Македонија, а потем и поради сознанието дека луѓето се премногу добри, нивниот ум функционира така што тие стремат само кон тоа да се живее според принципите на доброто. Тоа е време кога нема модерна технологија, нема возила и загадување, нема интернет и тие луѓе навистина живеат со некои вистински вредности што ја облагородуваат душата, а на тој начин тие се челичат и за да ги издржат сите проблеми и неволји што им се случуваат“, појаснува Пејковска.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG