Достапни линкови

Поквалитетен тутун за повисока цена


Архивска фотографија - Откуп на тутун во Прилеп, 2014.

Се очекува стабилен и без поголеми турбуленции откуп на тутун, велат и од тутунските здруженија и откупувачите пред стартот на откупот на тутун. Квалитетот оваа година е подобар, а се очекува и повисока цена.

Кооперантите во прилепско ги прават последните подготовки на годинешната реколта тутун, во пресрет на откупната кампања, која се очекува да започне порано од законскиот рок, 15 декември. Квалитетот на тутунот, како што потенцираат од Сојузот на тутунски здруженија на Македонија, е подобар од ланскиот, според тоа се очекува и повисока просечна откупна цена во однос на ланската, која достигна до 182 денари за килограм.

Претседателот на Сојузот, Данчо Милески, забележува дека наспроти планираните околу 25,4 илјади тони тутун, реколатата ќе достигне најмногу до 20 илјади тони, како последица на намалените количества расад и неповолните временски услови.

Во Тутунски Комбинат, еден од 10-те фирми кои годинава ќе вршат откуп, а како најголем откупувач во прилепскиот регион, ќе бидат преземени околу 3.000 тони тутун од кооперантите. Во тек е процедурата за обезбедување кредит од деловните банки за исплата на реколтата.

„Очекуваме еден стабилен и без поголеми турбуленции откуп. Според нашите сознанија, понудата и побарувачката се тука некаде, значи не очекуваме проблеми од типот на тоа кој ќе го купи. Можеби има мал кусок којшто ќе резултира со нешто повисока цена од реално проценетата, што би било во интерес на кооперантите“, изјави Александар Дерменџиев, генерален директор на Тутунски Комбинат.

Од друга страна тој посочи дека Комбинатот веќе не е на листата загубари, откако евидентира завршна сметка за 2015-та година со добивка, прв пат по повеќе од една деценија. Ова се ефектите од Договорот за стратегиско партнерство со Филип Морис, откако се реши најгорчливиот проблем превработеноста. Доброволно заминаа 535 работници со социјални пакети од 10 до 15 илјади евра. Но, и годинава при напорите за зголемување на ефективноста и продуктивноста во работата, со припојување на доелите: Тутун и Цигари кон АД Тутунски Комбинат очевидна е превработеност, иако не од загрижувачки размери.

„Меѓутоа реално се уште се соочуваме со проблем на превработеност. Логично е менаџментот да размислува во тој правец, особено затоа што имаме сознанија и дека кај дел вработени има интерес за евентуален втор бран на доброволно заминување. Се уште ова е во доменот на пресметки, калкулации, анализи, од причини што за да може да се случи потребно е да се обезбедат средства, а средствата не се обезбедени“, додава генералниот директор Дерменџиев.

Сепак вели, за ново доброволно заминување на втор бран вработени, треба одлука на менаџерскиот тим, којашто би се донела само со спогодба на Синдикалната организација.

  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG