Достапни линкови

„Букстар/Книжевни ѕвезди 2016“ со фокус на жените писателки и поетеси


Букстар/Книжевни ѕвезди 2016, постер

Под слоганот „Симни ми ѕвезда“, од 24 октомври до 11 ноември, во „Јавна соба“, ЕУ-инфо центар, Менада и во Културниот центар „Антолог“ - потписниците на манифестацијата, ќе е одржи второто издание на Фестивалот на европска литература „Букстар/Книжевни ѕвезди“, во чиј фокус овој пат се жените писателки и поетеси.

На прекршувањето на октомври и ноември, со малку изместен термин од лани, на македонската културна сцена и одделно на домашните читатели ќе им се случи второто издание на Фестивалот на европска литература „Букстар/Книжевни ѕвезди“, што како организатор го потпишува „Антолог“. Манифестацијата годинава ќе се одвива под слоганот „Симни ми ѕвезда“, инаку инспириран од хаику поезијата на македонскиот поет Никола Маџиров, а во нејзиниот фокус овој пат се жените писателки и поетеси.

Отворањето е планирано да биде на 24 октомври, во 20 часот, во Центарот за дизајн и иновации „Јавна соба“, со промоцијата на „Холандска девица“ од Маренте де Мор, добитничка на престижната Награда за литература на Европската унија. Преводот на романот е на Ели Пујовска, а промотер ќе биде Александар Прокопиев.

Следната промоција ќе биде на 31 октомври, при што Владимир Мартиновски ќе го претстави бест-селерот „Убиство во хотел Босфор“ на турско-германската писателка Есмахан Ајкол, што го преведе Тулај Сејфула.

На 2 ноември, пак, ќе бидат промовирани биографските приказни „Обвинета: Вјера Гран“ и „Свршеничката на Бруно Шулц“ од полската писателка од еврејско потекло Агата Тушињска ( Соња Стојменска Елзецер и Милица Миркуловска), а шест дена подоцна и романот „Елиза на единаесет години“ на романската писателка Дојна Рушти ( во превод на Александра Каитозис) за кој ќе говори Ермис Лафазановски.

Делата ќе бидат претставени во присуство на авторките, а посебно место ќе ѝ биде отстапено и на македонската литература. Така, на 4 ноември, е планирано да се обистини промоцијата на првиот дел од трилогијата „Наследството на Вероника“ - книгата насловена како „На работ од времето“ од Моника Трајковска, која, пак, му припаѓа на еден кај нас редок книжевен жанр – научната фантастика.

Тука се и промоциите на две антологии посветени на женското писмо. На 28 октомври ќе биде претставена книгата „Ова е моето последно молчење“, антологија на поезија од современите македонски поетеси чии приредувачки се Елена Пренџова и Оливера Доцевска, а за спуштање на завесата на „Букстар 2016“ е оставен изборот од најубавата поезија од европски автори - „Што си ти?“, специјално подготвен од страна на соработниците и пријателите на издавачката куќа „Антолог“, чија промоторка ќе биде Оливера Ќорвезироска.

Згора на ова, на 3 ноември, во 17 часот, во ЕУ Инфо центар ќе се одржи трибина на тема „Нивната страна од (и)сторијата“, на која е најавено дека учество ќе земат бројни уметници, новинари, книжевни преведувачи и книжевни работници, како и писателките гостинки на манифестацијата Тушињска и Ајкол. Модератор на трибината е Маријана Јанческа, а во фокусот ќе биде женското писмо, со посебен акцент на тоа дека „во поголемиот дел од историјата, жените беа анонимни, обезгласени...“.

„Мислиме дека со сето ова Фестивалот на европска литература „Букстар/Книжевни ѕвезди“ е вистински одраз на сето она што токму европската и домашната литература го нудат. А тоа е дека тој женски глас или тоа женско писмо е се почесто присутно. Не е веќе обезгласено. Напротив. Многу гласно е, многу дефинирано, ангажирано, самосвесно и од таму не случајно решивме оваа 2016 година, манифестацијата под слоганот „Симни ми ѕвезда“ да биде во знакот на жените“, вели писателот Жарко Кујунџиски, првиот човек на „Антолог“.

Инаку, во рамките на „оф-програмата“ се најде и промоцијата на „Љубавина“ на Ѓоко Здравески, еден од „омилените млади македонски писатели“, а Фестивалот во текот на сите денови од неговото траење донесува и селективно одбрана музичка програма. Публиката ќе има можност да ги проследи настапите на дузина интересни бендови и артисти како „The Hounds“, „Dead Poets Society“, „ОК бенд“, „Перија“, „љубавина бенд“, „Мамас“, Марко Настиќ, Теа Шалдева и за големото финале „Летечки пекинезери“.

Не се заборавени ни љубителите на филмот што подразбира дека, во соработка со Ѓорѓи Пулевски и ККСК, ќе бидат прикажани дела како „Самурај“ и „Не сум таму“, а за најмладите планирани се повеќе настани во кои тие ќе имаат можност да научат да изработуваат оригами и обележувачи на книги и да ги слушнат најубавите приказни во интепретација на актерката и продуцентка Лабина Митевска.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG