Достапни линкови

Богоевски - Ќе одговарам кога Груевски ќе биде во соседната судница


Богоевски на суд, Шарена револуција со овации
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:59 0:00

Богоевски на суд, Шарена револуција со овации

Одложено е судското рочиште за активистот на Шарената револуција Павле Богоевски поради нецелосно обвинение во кое не е наведена висината на наводно предизвиканата штета. Богоевски е обвинет за учество во толпа и предизвикување на штета со фрлањето на балони со боја кон Министерството за култура, имот кој е дел од културното наследство.

Не признавам вина за моето сторено поведение, изјави обвинетиот активист на Шарената револуција Павле Богоевски по одложувањето на судското рочиште. Судијката Гордана Спировска не побара на првото рочиште Богоевски да се произнесе дали е виновен или не, за делата за кои го товари обвинителството, затоа што во обвинителниот акт не е наведена висината на штетата предизвикана на протестот на Шарената револуција кој се одржа на 18 април годинава пред Министерството за култура. Демонстрантите тогаш ја обоија фасадата на ова министерство во знак на протест против аболицијата на политичари и против контроверзниот проект Скопје 2014.

„Да, бев дел од групата којашто Зврлевски дрско ја нарекува толпа и не, не признавам вина за моето сторено поведение. По дефиниција, вина е општествен прекор. Не може да ме прекорува општеството чијшто правен систем дозволува здружението на Груевски 10 години да ја силува правдата во оваа држава и да ја киднапира секоја пора во нашето општество. Ќе прифатиме одговорност за своите постапки, но само кога Груевски и другите инкриминирано во објавените разговори ќе прифатат одговорност во судницата до мојата“, рече Богоевски по излегувањето од судницата.

Богоевски пред Судот беше испратен и дочекан со овации од неколку стотини демонстранти кои дојдоа да му изразат поддршка.

При читањето на обвинителниот акт, обвинителката до судијката достави предлог како сведок на следното рочиште да биде повикан претставник од Министерството за култура кој ќе треба да се произнесе за побарување на штета.

Адвокатот Сашко Дуковски позитивно го оцени одложувањето, затоа што, како што вели, во обвинението недостасува суштински елемент, а тоа е колкава штета е предизвикана.

„Ние имаме предложени три сведоци, очевидци кои ќе помогнат за утврдување на вистинската фактичка состојба за што навистина се случувало во вршењето на кривичното дело“, вели Дуковски.

Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет, која присуствуваше на рочиштето, смета дека процесот против Богоевски е нелегитимен процес, процес против народот којшто беше дел од Шарената револуција. Таа смета дека причината зошто дури сега е покрената постапката по априлските протести треба да се бара во изборната кампања на власта, која сака да ги заплаши сите кои учествуваат во изразување на револт против неа.

„Мислам дека е дел од кампањата на ВМРО-ДПМНЕ, мислам дека во периодот којшто следи ќе се соочиме можеби и со други вакви постапки, мислам дека се работи за живот или смрт кога станува збор за претставниците на власта, бидејќи се свесни што може да очекуваат. Видовме вчера што се случи во Собранието и како се трудат да ја опструираат работата и понатамошниот мандат на Специјалното јавно обвинителство“, вели таа.

Богоевски се товари за учество во толпа што ќе изврши кривично дело за кое следува парична казна или казна затвор до три години. Тој вели дека со одложувањето на рочиштето за 14 ноември, само се одолговлекува и дефокусира јавноста од многу други посуштиснски прашања.

„Во меѓувреме, обвинителството на Зврлевски продолжува да го игнорира вистинскиот криминал во државата, продолжува да постапува исклучиво по налог на својот партиски шеф, претседателот на партијата, но дојдовме тука за да кажеме дека сè додека нема да има правда, нема да има мир“, изјави Богоевски пред судот.

На рочиштето присуствуваа и претставници на ОБСЕ, Хелсиншкиот комитет и на Коалицијата за правично судење. Протестите на Шарената револуција траеја речиси четири месеци. Протестите вообичаено започнуваа пред просторите на Специјалното јавно обвинителство во знак на поддршка на оваа институција, а потоа демонстрантите често боеја дел од објектите од контроверзниот проект Скопје 2014, како и Собранието и дел од министерствата. Неодамна беше обоена и зградата на Основниот суд Скопје 1, а поводот за овој протест беше обвинувањето дека Кривичниот суд е еден од изворите за најголемите опструкции врз работата на СЈО, поради двојните аршини во одредувањето на мерка притвор за осомничените од предметите на СЈО.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG