Достапни линкови

Проблемите на Талески во неизвесност го ставија Битфест


Од Општината засега не даваат официјална информација за тоа каква иднина го очекува единаесетото издание на Битфест, кое се организираше под покровителство на сега притворениот градоначалник Владимир Талески.

Летото започна, но од Oпштина Битола се уште нема најава кога ќе започне битолскиото културно лето Битфест. Ваква неизвесност се случува за првпат во овие 11 години откако започна да се одржува оваа манифестација. Покровител беше битолскиот градоначалник Владимир Талески на кој неодамна му беше изречена мерка куќен притвор, како првоосомничен за случајот „Транспортер“ за организирање на школски превоз по повисоки цени од реалните.

Од Општината засега не даваат официјална информација за тоа каква иднина го очекува единаесетото издание на битолската културна летна шема. Во исечекување се и културните работници кои се пријавиле на конкурсот што беше распишан во март годинава за учество на Битфест, а се уште не добиле одговор дали се прифаќа нивното учество. Дел од фестивалите на кои термините им беа во јуни започнаа независно од Општината и Битфест да си ја реализираат програмата.

Сашо Додовски од МКЦ, која го организира 15-тото издание на фестивалот „Битола отворен град“ вели:

„Годинава не знаме дали Битфест воопшто ќе има. Не е најавена никаква активност. Ние во изминатите години традиционлано го организираме фестивалот на крајот од јуни и немаше дилема дека во тој термин треба пак да се случи. Плус ова ни е јубилејно издание. Никогаш не сме биле зависни од поддршката на еден донатор, па успеавме да обезбедиме средства да го реализираме и годинава. “

Надвор од Битфест годинава е и еден од главните културни летни настани во градот под Пелистер. Тоа е „Битола Шекспир фестивалот“. Директорт на Битолскиот народен театар, Валентин Светозарев не знае зошто годинава нема Битфест.

„Фетсивалот Шекспир е во националната програма за култура. Ова е пред се проект на Министерството за култура и на поддршка од градот. Зошто нема Битфест јас не можам да одговорам, но поддршката на Општината ја имаме, пред се во сместување на гостите и во други работи“, вели Светозарев.

Според искуствата од минатите години, Талески за „Битфест“ одржуваше прес конференција уште на почетокот на јуни, а сега се ближиме кон крајот на месецот и никој не ја соопштил програмата. Минатите изданија почнуваа најдоца до 27 јуни и во свои рамки ги обединуваа сите останати фестивали чиј старт беше на почетокот на летната сезона. На „Битфест“ претежно настапуваа уметници од домашната сцена. Битолското културно лето под името „Битфест“ почна да се одржува откако Талески дојде за градоначалник на Битола. Од тогаш и почнаа да се бројат изданијата, а во рамки на континуитетот не се зедоа во предвид претходните неколку културни лета што ги организираше Центарот за култура на чело со тогашниот директор Борис Чоревски, кадар на СДСМ.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG