Достапни линкови

Странската важна, но домашната поддршка за СЈО клучна


Меѓународниот фактор дава силна поддршка за СЈО, но уште поважна е поддршката од внатрешниот политички фактор ако се сака разрешница на кризата.

За разлика од поделеното расположение за СЈО дома, повеќе од јасна е поддршката која оваа институција ја добива од надворешниот фактор. Преку гласни пораки до јавноста, поддршката која оваа институција ја има од моментот на нејзиното формирање, за само неколку дена ја потврдија и еврокомесарот Хан, известувачот во Европскиот парламент за земјава Иво Вајгл и високиот претставник на американскиот Стејт Департмент Александар Арвизу. За политичките аналитичари очекувана е поддршката за СЈО од страна на меѓународната заедница, бидејќи тоа произлезе од Пржинскиот договор, чиј гарант е токму меѓународната заедница.

„Секако дека поддршката од меѓународната заедница е важна, но според мене многу поважна е поддршката од внатрешните политички фактори во државата, доколку сакаме да има разрешница на политичката криза и спроведување на правдата без разлика на тоа кои и каков тип на функционери би биле обвинети од СЈО“, вели политичкиот аналитичар Митко Гаџовски.

Но, Гаџовски не е убеден дека недвосмислената поддршка која СЈО ја добива однадвор ќе го промени однесувањето на оние кои ја опструираат неговата работа или пак оние кои се разочарани од неговото работење.

„И покрај тоа што меѓународната заедница дава силна поддршка за СЈО, сметам дека според најавите кои доаѓаат од одредени политички партии дека повеќе ништо што ќе побара СЈО нема да биде прифатено, очекувам да продолжат и понатаму опструкциите врз СЈО“, изјави Гаџовски.

Професорот Башким Селмани е уверен дека поддршката што СЈО ја добива од меѓународните претставници нема да го смени расположението кај онаа група граѓани кои се разочарани од ефективноста на ова обвинителство, односно малкуте отворени предмети.

„Мислам дека СЈО сега уште повеќе ќе имаат тешкотии во работењето. Самите граѓани ја губат довербата, а доколку ја губат довербата во СЈО, тоа значи дека ја губат довербата во самата правна држава. Мислам дека оваа е многу непријатна ситуација за ова обвинителство и за меѓународниот фактор кој премногу верува во мисијата на оваа институција“, изјави Селмани.

Според Селмани, опструкциите се очекувани кога во власта има претставници кои биле вклучени во криминални активности, а кои според него ќе најдат начин да ги заобиколат законите и да се спасат од можните последици.

Во неколку наврати досега претставниците на Меѓународната заедница и Соединетите Држави порачаа дека ги охрабруваат политичките партии во земјата да ја поддржат работата на СЈО и да овозможат непречено работење без притисоци и опструкции.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG