Достапни линкови

Обвинителството бара СЈО да каже кој му се заканувал на Крпач


Вештачењето на мобилниот телефон на Крпач во Основното јавно обвинителство поминало неуспешно, затоа што не успеале да ја пробијат лозинката за да видат кој му се заканувал. Не одговорија колку куршуми биле пронајдени во телото на Крпач.

Истрагата за причините за смртта на сведокот на Специјалното јавно обвинителство Коста Крпач е закочена затоа што недостасуваат одговорите на прашањата кој, како и со што му се заканувал на Крпач, велат од Основното јавно обвинителство. Од таму брифираат дека не можат да одговорат на овие прашања затоа што им недостига записникот којшто требало да им го достави Специјалното јавно обвинителство. Тие бараат, како што велат, да преовлада разумот и од Специјалното јавно обвинителство да им го достават овој доказ, кој три пати досега го побарале за да можат да продолжат со истрагата.

Но, како што одговорија на новинарските прашања, не сакаат да навлезат во истрагата на СЈО па досега не испитувале индиции кои произлегуваат во јавноста од предметите на ова посебно обвинителство.

Вештачењето на мобилниот телефон на Крпач во Основното јавно обвинителство поминало неуспешно, затоа што не успеале да ја пробијат лозинката за заклучување на телефонот, па оттаму не можеле независно од записникот на СЈО да одговорат на прашањата кој, како и со што му се заканувал на Крпач. Дополнително велат дека неговата сопруга не пријавила закани, ниту знаела дека некој му се заканува на Крпач.

Предистражната постапка се води во насока на откривање дали е сторено кривично дело помагање и предизвикување на самоубиство. Од основното јавно обвинителство потенцираат дека досегашната истрага, која ја водат шест месеци, докажува дека Крпач се самоубил со својот револвер. Тој прво испукал неколку куршуми кон надвор при што погодил во комбе, кое, според изјавата на сопственикот, било таму паркирано со месеци, па подоцна се самоубил, велат во обвинителството. На неговите раце биле пронајдени барутни честички. Но, повеќе детали не сакаат да соопштат, односно не одговорија колку куршуми се пронајдени во неговото тело, со што остануваат да лебдат шпекулациите дека биле пронајдени два куршума во неговото тело.

Од Основното јавно обвинителство потенцираат дека истрагата досега им покажала дека промените во неговото расположение настанале по претресот кој го извршиле полицајци по налог на Специјалното јавно обвинителство на 6 април. Според нивните докази, тој бил повикан на сослушување во СЈО на 7 април. Крпач беше пронајден мртов на 27 април, две недели откако претседателот Ѓорге Иванов го аболираше заедно со уште 56 други политичари и нивни соработници за предмети поврзани со прислушуваните материјали.

Во текот на истрагата за неговата смрт биле испрашани 19 лица од кои 10 се припадници на МВР кои учествувале во претресот по барање на СЈО на 6 април, а останатите биле негови пријатели и бизнис партнери.

Во последниот случај „Трезор“, кој го објави Специјалното јавно обвинителство, името на Крпач се спомнува како управител на фирмата Финзи ДООЕЛ која ја извршила спорната набавка на опрема за МВР, преку која наводно се испумпани над 800 илјади евра од буџетот.

На прес-конференцијата, обвинителката Ленче Ристоска од СЈО изјави дека Крпач им дал информации за истрагата Трезор, но и за други случаи. Таа тогаш посочи дека до Основното јавно обвинителство испратиле докази и наводи според кои се сомневаат дека некој му се заканувал на нивниот сведок.

Од основното јавно обвинителство велат дека ги провериле информациите кои ги добиле и кои се проверливи, но за понатамошното водење на предистражната постапка им е неопходен записникот кој требало да им го достави Специјалното јавно обвинителство, кое според новиот закон за кривична постапка требало по сослушувањето да го состават за да започнат постапка на заштита на сведок кој тврди дека има закани по живот.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG