Достапни линкови

„Европа во Македонија“ или збогување со стерилноста


Од 23 до 27 септември, со бројни настани од областа на на ликовната и музичката уметност, литературата, архитектурата, занаетите и модата, на повеќе локалитети во Скопје и во земјава, под мотото „Европа во Македонија“, ќе се одржат јубилејните 20-ти „Европски денови на културно наследство“, манифестацијата чија цел е да го презентира европското културно наследство во Македонија и неговата интеракција со локалните обележја.

Со разговор на културни аташеа, научници и уметници за европски проекти и програми, изложба на фотографии од современата европска архитектура во Скопје, читање на надреалистичка поезија и перформанс што заеднички го потпишаа Астални проекции и СВИРАЧИЊА, џез концерт на НЕКСТ ТУ САЈЛАНС и проекција на филмот „Лисабонска приказна“ на Вим Вендерс, денеска започна петдневната манифестација „Европски денови на културно наследство“ која годинава опфаќа повеќе категории на уметноста и воопшто на културата.

Овогодишните „Европски денови на културно наследство“, кои ќе се одвиваат од 23 до 27 септември, имаат за цел да го презентираат европското културно наследство во Македонија и неговата интеракција со локалните обележја во сферата на ликовната и музичката уметност, литературата, архитектурата, занаетите и модата. Со цел да се истакне симбиозата меѓу европските вредности и македонската култура, овојпат манифестацијата ,,Европски денови на културното наследство“ се реализира во повеќе тематски единици вмрежени во мотото ,,Европа во Македонија“.

Притоа, потписниците Музеј на Македонија, Музеј на град Скопје, Завод и музеј Битола, Археолошки музеј на Македонија, Воен музеј, Кинотека на Македонија, Национална галерија на Македонија и Конгресниот центар „Александар Македонски“, како посебности ги издвојуваат постановките „Ex Europa Lux: изложба на европската култура во Македонија во 19 и 20 век“, во чии рамки е поместено и катчето „Уметничко светилиште“ со слики на Родољув Анастасов, Борко Лазовски, Никола Мартиновски...скулптури на Димо Тодоровски, Јордан Грабуловски и други, и „Градот на конзулите: изложба на фотографии со архитектура во Битола од 19 и 20 век“.

Освен изложбите тука се и концертите кои на организаторите им се посебно важни бидејќи сметаат дека тие се тековното делување кое во иднина станува културно наследство. Во тој контекст неизоставно треба да се спомнат пијано-рециталот на Дуња Иванова сочинет од делата на најпознатите минималисти на современата музика Арво Парт и Филип Глас и нашата Ана Пандевска, што ќе се одржи в недела од 21 часот во Даут-пашин амам, концертот на ЧАЛГИЈА САУНД СИСТЕМ во рамките на саботниот Базар на ракотворби и настапите на бендовите ЏУН и ПИ ЕМ ЏИ КОЛЕКТИВ и сетот на ди-џеј Гејм оувер во Куршумли ан длабоко во ноќта и оној, веќе одржаниот, на НЕКС ТУ САЈЛАНС – составот кој изведува музика од култни имиња во светскиот џез како Нилс Петер Молвајер, Јан Гарбарек, Енрико Рава и други, забележана на носачите на звук на реномираната германска издавачка куќа ECM.

„Ова се главните содржини кои ќе бидат многу длабоко поврзани со темата „Европа во Македонија“ која е и мотото на овогодинешните „Европски денови на културно наследство“, и на тој начин, всушност, сакаме да пратиме порака дека Македонија отсекогаш била во доменот на тие силни европски процеси барем од некаде крајот на 18 и почетокот на 19 век, па еве и денес нели имаме такви очигледни врски. Тоа сакаме да го покажеме на различни начини. Делумно преку изложби и предмети кои потекнуваат главно од 18 и 19 век, а од друга страна и со музичките концерти кои имаат за цел да ги прикажат тие некои посовремени процеси во Европа“, вели археолот д-р Гоце Наумов, координатор на манифестацијата.

Тој дополнува дека богатата програма ќе привлече и разновидна публика што била и една од нивните главни цели.

„Токму и тоа беше целта. Да не останеме во оние стерилни сфери каде што само изложбите концертрирани само на етнолози и археолози би привлекле таков вид на публика, туку напротив. Во Македонија има многу љубители на современата музика и на етнологијата и на современата уметност меѓу другото, така да сакавме од разни аспекти да ги прикажеме сите тие елементи и всушност да им бидат интересни на различни категории на слушатели или на почитувачи на уметноста.“

Кон ова само уште информациите дека нема да биде заборавена и богатата понуда до публиката во градовите од внатрешноста од земјава, па така на пример во Народниот музеј во Куманово ќе се случи премиерата на филмот „Волнена нитка“ на Надица Петковиќ, во најмалиот етно-музеј на светот во тетовско Џепчиштеќе биде отворена изложбата „25 години заробени во етно-корените на Маљкедонија“, во битолска Магаза ќе започне изложбата на уметничка фотографија „Радост и тага“...и така со ред.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG