Достапни линкови

Каква е состојбата со депонијата за јаглен во РЕК?


СДСМ прашува дали честото исклучување на блоковите во РЕК Битола е поради недостиг од јаглен. Во ЕЛЕМ велат дека производството се одвива според потребите на потрошувачите.

Дали честите исклучувања на блоковите во РЕК „Битола“ е последица на недостигот на јаглен за работа на термоблоковите. Ова прашање деновиве го постави општинската организација на СДСМ од Битола, а од комбинатот возвратија дека состојбите со ископот најаглен во РЕК се во согласност со плановите за работа во овој период од годината.

Благојче Котевски од СДСМ обвини дека деновиве електро-енергетскиот стожер во земјава пак работел со една третина од својот капацитет. Тој изјави дека блокот 1 е исклучен подолг период, а блокот 2 деновиве, според официјалните образложенија, поради поволна хидролошка состојба.

Тој запраша дали зад ова стои друг проблем?

„Дали РЕК Битола има доволно јаглен за негова работа? Дали покрај сите милионски договори за ископ на јаглен, менаџерите во РЕК не можат да обезбедат јаглен во септември? Дали РЕК Битола ќе има доволно јаглен за работа во текот на грејната сезона? Зошто клучната багерска единица СРС 1050 се уште е во дефект, кога таа ќе биде пуштена во употреба, која е динамиката за нејзина санација?“

Котевски прашува дали со ова директно не се загрозува отворањето на Подинските јагленови серии во рудникот Суводол, односно снабдувањето со јаглен на термоцентралата?

„Колку не чини вклучувањето и исклучувањето на еден блок од термоцентралата? Постојано се прават некакви наводни ремонти и модернизации со стотици илјади евра, а комбинатот се почесто е во дефект“, прашува Котевски.

Од ЕЛЕМ одговорија дека производните капацитети работат во согласност со потребите на тарифните потрошувачи. Планското исклучување на блокот 2 се должи на поволната хидролошка состојба, инаку тој е целосно функционален и подготвен во секој момент да биде вклучен во електро-енергетскиот систем.

„Состојбата на депонијата за јаглен во РЕК Битола е во согласност со плановите за работа за овој период од годината, а ископот на овој енергенс се одвива според дневните потреби. Со оглед дека следува период во кој се очекуваат врнежи од дожд, постои потреба од обработка на поголеми количини вода од акумулациите и создавање простор за прием на очекуваните есенски дотеци“, велат од ЕЛЕМ.

Од таму тврдат дека се е во ред е со комбинатот иако од пред неколку месеци совети за работењето дава Христијан Мицкоски, актуелен советник за енергетика во кабинетот на премиерот, член на Надзорниот одбор на ЕЛЕМ и универзитетски професор при Машинскиот факултет во Скопје. Од ЕЛЕМ велат дека Мицкоски на доброволна основа и без финансиски надомест го понудил своето знаење и стручност во однос на редовните активности, како и во однос на инвестициските зафати на РЕК. Мицковски воедно е и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG