Достапни линкови

Мора да ѝ платиш на државата, а таа плаќа кога може


Државата и фирмите се во нерамноправна положба во однос на повеќе прашања, како наплатата на долговите и повратот на ДДВ-то, но стопанствениците се плашат да се пожалат.

Македонската Влада не се однесува партнерски кон компаниите и воопшто не ја интересира претприемачкиот концепт и поддршката кон нив, особено кон малите и средните претпријатија. Затоа државата и фирмите се во нерамноправна положба во однос на повеќе прашања, како наплатата на долговите и повратот на ДДВ-то, и тие се плашат да кажат, бидејќи тоа ќе значи крај за нив, посочуваат дел од експертите.

Владата по секоја цена се однесува себично и настојува да ги наплати само своите побарувања, дури и во фирмите каде што во исто време знае дека таа им должи повеќе, на пример по основ на повтатот на ДДВ или други услуги, коментира претседателот на Асоцијацијата на менаџери на Македонија, Зоран Витанов.

Тој истакнува дека состојбата е таква оти првите луѓе на сите досегашни македонски влади никогаш не биле луѓе од стопанството, кои знаат како функционира претприемништвото.

„Кога некој се однесува туторски и кога стапот и морковот се кај него, логично и нормално е претприемачите да се плашат, бидејќи тие инвестирале средства и капитал, многу често инвестирале на кредит и кај нив тоа ќе значи комплетно убивање на фирмата и комплетно менување на животот на тие претприемачи и затоа се плашат“, вели Витанов.

Тој додава дека за промена на состојбата потребна е нова влада фокусирана на економскиот развој преку унапредување на претприемништвото и образованието.

Бизнисменот Мендерес Кучи истакнува дека состојбата треба да се промени преку преземање на мерки соодветни на потребите на економијата, а не на политиката. Тој вели дека стопанствениците со години укажуваат дека економските параметри не соодветствуваат со она што се прикажува во пропагандата на Владата.

„Компаниите често не го бараат она што им го должи Владата, од причини што секако ќе наидат на тенденциозни инспектори коишто нема да имаат разбирање за тоа. Од друга страна, пак, не дај боже компаниите да и должат нешто на државата, од тој аспект веднаш се активираат некои блокади или мерки, без да се има предвид колку со тоа го рушат имиџот на компанијата и нејзиното тековно работење“, вели Кучи.

Фирмите поединечно не можат ништо да направат, додава тој, само обединети преку стопанските комори ќе можат погласно да укажат на нерамноправната состојба и да побараат механизми како да се реши проблемот.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG