Достапни линкови

Македонски државјани во ИД – опасност и за земјава


Архивска фотографија: Полициска операција Ќелија за апсење осомничени исламски борци на странските боишта
Архивска фотографија: Полициска операција Ќелија за апсење осомничени исламски борци на странските боишта

Минатиот викенд во Турција беа приведени пет македонски државјани осомничени за членство во милитантите на Исламската држава.

Во овој момент во Македонија нема поголеми безбедносни закани како во земјите од Западна Европа и Турција и други земји кои се соочуваат со терористички напади, но тоа не значи дека не треба да се преземаат сите мерки со кои државата ќе ја гарантира безбедноста на граѓаните, велат експертите. Професор Стојан Славевски вели дека постои потреба од превенирање на можните потенцијални проблеми кои би се појавиле следниот период, посебно водејќи сметка за тероризмот, но и најавите од нова мигрантска криза.

„Има информации и јавни и полуофицијални, но верувам дека разузнавачко безбедносните служби имаат многу повеќе информации за тоа дека есенва се очекува да се зголеми тој мигрантски бран што зависи од многу други аспекти, значи не само од активностите на безбедносните служби на Македонија, туку од поширок контекст, улогата на Турција тука е многу значајна“, вели тој.

Не треба да се исклучи заканата и од терористички групи, вели Славевски. Како и да е, минатиот викенд во Турција беа приведени пет македонски државјани осомничени за членство во ИД.

„Постојат групи на луѓе коишто се државјани на Република Македонија, а се поврзани со активности за регрутација и тоа може да претставува исто така одредена безбедносна закана за земјата“, вели тој.

Аналитичарот Назми Малиќи вели дека Македонија не е имуна на глобалната закана од меѓународен тероризам, додавајќи дека земјава е ранлива поради политичката криза во која се наоѓаме подолг период.

„Скоро две години живееме во конкуренција на политичките партии со елементи на предизвикување на политичка криза. Мислам дека еден повод е тој што може да се искористи во случајот ако Македонија се наоѓа на мета на таквите настани“, вели тој.

Инаку, претседателот на собраниската Комисија за надзор над работата на Управата за безбедност и контраразузнавање и на Агенцијата за разузнавање деновиве побара Собранието, а со тоа и граѓаните, да бидат информирани реално, точно и навремено за тоа дали навистина постојат закани по безбедноста на државата по последните изјави во јавноста од претседателот Ѓорге Иванов.

Првите луѓе на овие тела изразија уверување дека се следат сите можни закани по безбедносната состојба во врска со тероризмот и со бегалската криза.

Во врска со бегалската криза, Малиќи очекува дека имаме искуство за справување со овој проблем од минатата година. На прашање од каде доаѓаат заканите по безбедноста, дали од јужната или од северната граница, од Комисијата за надзор над работата на УБК истакнаа дека за бегалската рута, искуството ни вели дека станува збор за јужната граница, но оти вниманието мора да биде свртено на сите страни.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG