Достапни линкови

Троши сега и не му ја мисли за утре


Владата се задолжува подолгорочно за да го префрли товарот на враќањето на долговите на идните генерации, но во таков случај и каматите се повисоки.

Државата вчера се задолжи за 7,3 милиони евра, а веќе денеска таа ќе треба да врати приближно идентична сума на пари по основ на доспеани долгови. Домашните економисти повторуваат дека ваквата владина политика на неконтролирано задолжување, а со цел да се покријат непродуктивните расходи не носи економски развој.

„Задолжувањето на сегашната техничка влада се прави за покривање на оперативните расходи, а не со цел да инвестира во проекти коишто ќе донесат добросостојба. Ако не престане неконтролираното задолжување и ако не се репрограмираат некои од досегашните долгови на среднорочен план, постои едно можно сценарио, а тоа е грчкото“, изјави аналитичарот Фатмир Битичи.

Експертите ја објаснуваат логиката на долгорочното задолжување. Кога се задолжувате на краток рок, товарот на задолжувањето е поголем оти носи и обврска истиот да се врати за кратко време. Кога се задолжувате на долг рок, товарот го префрлате подалеку во иднината и идните генерации.

„Она што е важно е дека на долг рок каматните стапки се повисоки, трошокот на задолжувањето станува повисок. Товарот си го намалувате, а товарот и трошокот го пренесувате на некој во иднина што ќе го враќа. Значи долг рок, поголем ризик, повисока камата“, објаснува универзитетскиот професор Сашо Арсов.

Последиците од задолжувањето не се занемарливи, вели Арсов. Логиката која кај нас се применува е следната - за да зголемите некому плата денес, вие го префрлате товарот на неговите деца утре, оти тие треба утре да го плаќаат.

„Кога економијата кај нас би била доволно јака и би создавала многу пари за ваквите кредити, не би било страшно. Но, прашање на проценка е дали тогаш навистина така ќе биде. Секој од нас може да цени каде одат парите, каде се вложуваат, што создаваме за да утре враќаме и слично“, вели тој.

Според Битичи, постојат мерки кои можат да ги превенираат последиците од задолжувањата. Најважно е да се излезе од политичката криза, вели тој.

„Второ е намалување на непродуктивните расходи коишто оваа и следната година владата ги планира. Тоа е болен, но неминовен процес. Мора да се направи стратешки план како да се преброди проблемот со задолжувањето и како да се премине во процес во кој ќе мислиме за економски развој и просперитет во државата. За тоа ни требаат стабилна влада и стабилни институции“, сугерира Битичи.

Вчерашното задолжување на Владата е обезбедено преку аукција на државни хартии од вредност, а од целосната сума скоро 5 милиони евра ќе треба да се вратат за една година. Останатите 2,3 милиони евра се со рок на доспевање од 15 години.

Нов раст на задолженоста покажуваат последните податоци на Народната банка. Надворешниот бруто долг во првиот квартал од годинава изнесува 6,7 милијарди евра или 70,9 проценти од бруто домашниот бруто-производ што е пораст од 1,1 проценти од БДП на квартална основа. Споредено со истиот период лани, тоа е зголемување од 1,8 проценти.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG