Достапни линкови

П.С. Гитар фест - интернационален фестивал во историското Крушево


Светски познатата класична гитаристка Сабрина Влашкалиќ од соседна Србија, виртуозот Влатко Стефановски и кантавторот Јаков Дренковски со својот состав се учесниците на седмото издание на „П.С- Гитар фест“, манифестацијата што од 25 до 27 август се одржува во Крушево и чиј потписник е Христо Христовски – Мулар, врвен инструменталист, педагог и промотор на влашкото и македонското музичко наследство.

По пет успешни изданија во Скопје, музикологот Христо Христовски својот „П.С. - Гитар фест“ го пресели во родното Крушево. И, се чини дека не згреши. Не само затоа што потегот ја крепи заложбата за „децентрализација на културата“, туку уште повеќе и поради тоа што и оди на рака на мислата гратчето и регионот да добијат светски фестивал кој би привлекувал што поголем број на посетители и туристи.

Говорејќи за ваквата одлука, Христовски знае да каже дека „П.С. - Гитар фест“ во годините наназад си го добил своето место и влегол во агендата на меѓународните гитарски фестивали во Југоисточна Европа. Згора на тоа неговата мисла, идеја и потреба, не само како крушевчанец, биле да го дислоцира и така, впрочем, да ја следи и практиката на фестивалите на кои што одел да се носат во помали места каде и што нема значајни културни случувања.

Тоа уште лани се покажало како полн погодок бидејќи во Крушево во втората половина од август речиси и да нема никакви настани, а безмалку да е слична и ситуацијата со околните Прилеп и Битола каде што или завршиле или привршуваат летните културни манифестации.

„Идејата ми е и натаму Фестивалот да го поврзам со Прилеп и со Битола, така што би бил еден регионален гитарски фестивал. И така доаѓаат тука светски уметници, и така свират светски гитаристи, тогаш зошто да не ги видат и чујат повеќемина. Крушево и како гратче си има некое уметничко срце и не само јас како гитарист туку и сите мои пријатели инструменталисти и останати творци гледаат дека тоа е место коешто дише со уметноста. Затоа сум презадоволен што „П.С. - Гитар фест“ се форматира како значаен интернационален фестивал во мало место. Впрочем, најдобро за тоа говори синоќешниот концерт на Сабрина Влашкалиќ, една неверојатно квалитетна класично образована гитаристка од соседна Србија која живее и работи во Холандија“, вели тој.

Во однос на концептот на манифестацијата, Мулар знае да каже дека уште кога го основал Фестивалот во 2010 година не тргнал по теркот да биде тоа фестивал на класична гитара затоа што ги има многу такви во овој дел од светот, туку основата да биде пребирањето по гитарските жици.

Затоа и не направил разлика помеѓу класична, акустична или електрична гитара. Дека тргнувајќи од таму и на првото издание во Скопје го поканил Влатко Стефановски да одржи соло концерт со акустична гитара. Дополнува и тоа дека дека на минатите изданија имал и врвни мајстори на класична гитара од форматот на еден Даниел Маркес од Бразил.

„Во овие помали места не се бара само класична или некоја друга гитара, туку и по некое име кое е и гитарско меѓутоа е и познато по песните. Таков е случајот со Јаков Дренковски. Тој е наш познат кантавтор. И, сега бидејќи неговите песни се преаранжирани, направени се во едно ново руво, а тој настапува со една одлична група од докажани музичари, постари рокери, сакав и тие наши инструменталисти кои оставиле длабок печат на музиката на овие простори да ги чуе младата публика. Тие настапуваат и зошто да би го правеле тоа. Тоа во светот е пракса. Сосема нормална работа. Само кај нас забораваме на докажаните, на оние што не задолжиле со својата музика и едноставно не ги викаме на концерти. А искуството, традицијата си го прави своето, тогаш зошто да не“, вели тој.

Прашан, пак, за неговата концертна активност, Христовски вели дека таа си течи по веќе усталените патеки, но дека во последно време многу повеќе и се посветил на педагошката работа. Истакнува дека во понеделникот, на 21 август, бил завршниот концерт на децата од неговата Летна школа за гитара што цела една декада се одржува во Крушево, за да веќе од есен повторно ќе им се врати и на неговите ученици во Скопје.

Згора на тоа, тој е горд и на петте антологии на влашки песни каде што публикувал над 200 влашки фолклорни напеви, нешто што никој толку посветено не го направил досега, а неодамна го обелоденил и третото издание на „110 македонски фолклорни напеви“ кое е збогатено со два носача на звук на кои се забележани изведби на 40-на изворни песни.

„Мелографирањето е специфика меѓутоа некако ми лежи и сакав тие песни, со нотен запис, со гитарски акорди и со текстовите, да останат за идните генерации, а гледам, според реакциите, дека е одлично примено од публиката“, вели тој.

Инаку, промоцијата на објавата е планирана во текот на септември во Скопје, а веднаш потоа гитаристот Христо Христовски Мулар се надева дека на виделина ќе го извади и својот нов носач на звук со инструментална музика.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG