Достапни линкови

Родителите сè помалку молчат за педофилијата


Зголемувањето на бројот на пријави на случаи за полов напад врз дете е веројатно резултат на охрабрувањето на родителите и децата да го пријават силувањето, велат упатените.

Само во изминатиов месец во полициските билтени се заведени шест случаи на полови напади врз малолетници. Една од можните причини за зголемувањето на дојавите во полиција за сексуална злоупотреба на деца и педофилија е охрабрувањето на родителите и децата да го пријават силувањето, вели директорот на Првата детска амбасада Меѓаши, Драги Змијанац. Тој смета дека прагот на нетолеранција кон ваквиот криминал во општеството е подигнат, но има уште многу работа за превенција, како и за справување со последиците.

Амбасадата е задоволна од зголемувањето на затворската казна, но бараат и дополнителни мерки кои ќе превенираат осудените за педофилија по издржувањето на казната да го повторат делото.

„Сите досега осудени педофили кога ќе го напуштат затворот да носат електронски алки за да бидат под контрола и мониторинг од страна на полицијата и полицијата навремено да може да реагира кога сексуалниот потенцијален злосторник се наоѓа во близина каде што децата престојуваат или се дружат“, објаснува Змијанац.

Тој посочува и дека хемиската кастрација за осудените за педофилија, иако е вметната во кривичниот закон во 2014 година, таа сè уште не се применува.

„Досега нема суд, судија или Управата за спроведување на санкции немаат никој од нив побарано, од страна на педофил доброволно да се кастрира хемиски, односно да се стави под медикаментна терапија за да се контролира неговиот нагон. Нашата заложба беше да биде задолжителна уште со првото кривично дело“, тврди Змијанац.

Змијанац посочува дека во земјава недостасуваат прифатилишта за деца кои се жртви на полов напад.

„Прифатилиштето треба да биде место каде што детето ќе биде оттргнато од семејството, може да се случи инцест и родосквернавење во семејството. Вие замислите дете да биде заедно со силувачот во иста средина. Значи да се работи на негова рехабилитација и ресоцијализација, насилникот да биде оттргнат од местото каде што се случил настанот за детето да не чувствува вина за тоа што му се случило, а воедно и да не чувствува грижа поради тоа што признало за настанот“, вели тој.

Во полициските билтени може да се најдат примери кога возрасни педофили намамувале мали деца под изговор да им покажат некоја играчка, или аквариум. Змијанац додава дека е потребно малите деца уште од најрана можна возраст да се запознаат со можните ризични ситуации и ризично однесување на возрасните затоа што децата најчесто наивно влетуваат во перфидната мрежа на педофилите кои успеваат да ја добијат благонаклонетоста и довербата на децата и потоа ги злоставуваат. Честопати се случува злоставувачот да е некој од блиските на децата. Во регистарот за педофили кој го објавува Министерството за труд и социјална политика се заведени стотина осудени за педофилија од кои најмладиот има 22 години, а најстариот 78. Последниот осуден за ова кривично дело е од март годинава.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG