Достапни линкови

Бош фестивал - без конзервативности, без презервативи


Со бројни главни и офф-содржини, како театарски претстави и перформанси, музика, поезија, филмови и видеоарт, изложби, работилници и други форми на интердисциплинарни и неконвенционални уметнички случувања, од 26 до 28 август, на повеќе локации во Гевгелија, ќе се одржи осмото издание на мултимедијалниот арт-фестивал „Бош“, кој го крепи концептот за создавање на несекојдневен, неконвенционален и оригинален јавен уметнички простор.

На самиот почеток на осмиот „Бош фестивал“, во галерискиот простор „Амам“ во Гевгелија, презентација на „Видео уметност и уметност базирана на време“, проект на Факултетот на ликовна уметност од Скопје раководен од доцент Слободанка Стевческа. Потем и изложбата на колажи на Елизабета Линднер Костадиновска - „State of Art“ и претставување на идејните решенија за постер на ова издание на манифестацијата што го сторија студентите по Графички дизајн на Академијата – под будното око на проф. Ладислав Цветковски. И, во тој контекст уште „XYZ“ - 3Д мапирањето на Кристина Пулејкова, Монохром Модерн и Сашо Пуцковски. И потоа, длабоко во ноќта, перформанси на скопскиот бенд К.Н.Н.Т, софиското трио „Дазнт фрогс“ и кумановското електронско дуо „Бинари тотс“.

Воведот во следниот фестивалски ден ќе биде сторен со пладневното, веќе традиционално, „Bosh rechargeable“ на сифулајските острови на планината Кожуф, за да во вечерните часови програмата осамне во Градски театар – Гевгелија каде најпрво ќе се случи поетското читање „Министерство за блуд, разврат, понашање и култура“, а потоа и проекциите на четири кратки филмови од програмата на „Астерфест“ („Незрели цреши“ на Небојша Јовановиќ, „Кружно патување на Марето“ на Жарко Иванов, „Човекот што не сакаше да умре“ на Гоце Цветановски и „Девојката што паѓа“ на Владимир Лукаш) и долгометражниот „Игра и спас“ од Горан Тренчовски. За музичкиот дел оваа вечер ќе бидат задолжени македонскиот електронски артист Тодор Караколев и српскиот алтернативен бенд „Болесна штенад“.

И конечно, в недела, планирано е да се случат инсталацијата „Во перница од лисја сонувам“ на Митко Гогов, проекциите на филмови на македонските студенти на ФАМУ во Чешка („Растење“ - Верица Недевска, „Орално се разбира“ - Милена Витман, „Речиси ние“ - Милиана Ленак, „Лимбо“ - Јане Спасиќ и „Пепи и Муто“ - Георги Унковски) и на „Сам“ на Тања Симоновска, за да кругот биде затворен со музичко-поетскиот перформанс и промоцијата на книгата „Не молчи“ на Константин Карев.

Ѓорѓи Калински, од Здружението на граѓани за поддршка и промоција на културата „Арт Еквилибриум“ од Гевгелија, истакнува дека и годинава тимот на „Бош фестивал“ се потрудил програмата да го задржи тој единствен курс на некојси офф-меинстрим случувања.

„Покрај тоа што носиме нови и можеби не толку афирмирани имиња што е, впрочем, и една од идеите на Фестивалот, се обидуваме да се задржи една критичка пред сè мисла на случувањето каде што преку културата и уметноста јасно и недвосмислено ќе се идентификуваат одредени општествени аномалии кој верувам во Македонија ги има многу и тоа, ако ништо друго, можеби не директно, но индиректно, со текот на годините или барем со еден микро-милиметар во мозокот на луѓето ќе предизвика некаква промена. На позитивно,се надевам“, вели тој.

Инаку, во годините наназад на „Бош“ учествувале повеќе од 300 уметници од кои бележити се бендовите и артистите како Хрватите „Cul de Sac“ со Дарко Рундек, „Механимал“, „Клопка за пионира“, „Мултиетничка атракција“, „Зеа“, сликарите Атанас Ботев, Никола Радуловиќ, Ангел Миов, Иван Ивановски, уметничката група „Моми“, поетите Тихомир Јанчовски, Стефчо Стефанов, театрите „Еластик театар“, „Атом театар“, диџеите Мирко Попов, Џака Накот, Страјк и многу други.

Од таму не чуди кога Калински ќе рече дека ако нешто опстана на Фестивалот, чие прво издание патем се случи во 2009 година во чест и сеќавање на прерано починатиот актер и поет, Бошко Бозаџиевски (1981-2008) и организациски беше потпишано од неговите пријатели, тогаш тоа е неговиот кредибилитет и дека се повеќе млади луѓе се пронаоѓаат себе во идејата за „Бош“.

„Целата онаа аура околу „Бош“ што претставува едно слободарско движење како платформа, каде културата и уметноста добиваат заслужен третман, еден поискрен третман, е доволна провокација и мотивација за многу луѓе“, вели тој.

Калински дополнува дека на Република Македонија ѝ требаат фестивали како „Бош“, „Акто“, „ДримОн“ и ним концепциски блиски кои претставуваат обид за да се излезе од рамките на конвенционалноста. Со тоа, како што вели, ќе се обидеме и да редефинираме некои односи во општеството, посебно кога станува збор за улогата на културата и уметноста во него.

„Ако сакаме, имаме тенденција, да бидеме некое модерно општество, треба конечно и надлежните институции да разберат некои основни работи кои, за жал, сè уште не ги разбираат и би апелирал до сите потенцијални донатори, спонзори, фабрики или што и да е, Вие не ѝ давате милостина на културата! Вие едноставно инвестирате во својата иднина со културата“, вели тој.

Кон ова само уште информацијата дека сите настани на „Бош“ во Гевгелија се бесплатни, достапни и отворени за секого, што овозможува непосредна и природна комуникација меѓу учесниците, публиката и организаторите на фестивалот. Од друга страна, случувањето конечно ѝ дава специфично место на Гевгелија на културната мапа на Македонија и во регионот.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG