Достапни линкови

Без пари, нема наука


Слабите научни резултати во Македонија се должат на тоа што се издвојуваат малку пари за наука, велат професорите и додаваат дека Македонија издвојува 0,2 проценти од буџетот за наука, додека Словенија на пример за наука троши 2 проценти од буџетот.

Во Македонија има врвни научни работници чија работа се заснова на сопствен ентузијазам, бидејќи за жал науката во нашата држава е маргинализирана. Ова го велат најголемиот дел од професорите по најновите резултати од шангајското рангирање во кое ниту еден од универзитетите во земјава не се најде на листата на 500 најдобри. Професорите наведуваат дека основен проблем што Универзитетите не постигнале резултати е што се издвојуваат многу малку пари за наука и оти севкупната научна работа е редуцирана на врвен ентузијазам. Тие за илустрација го посочуваат податокот дека Македонија издвојува 0,2 проценти од буџетот за наука, додека за споредба во Словенија 2 проценти од буџетот се издвојуваат за наука.

Универзитетскиот професор Ордан Чукалиев вели дека парите кои ги имаат на располагање за истражување се минорни и не дозволуваат да се доаѓа до сознанија кои се публикуваат во врвни списанија.

„Ние за жал како институција последните десетина години немаме добиено ниту еден научен проект од рамките на државата. За разлика од тоа, Хрватска финансира проекти. Моите колеги од Загреб работат со милиони долари од национални пари во многу современи научни истражувачки правци“, вели тој.

Тој го образложува непостигнувањето резултати во научната дејност и со серија други проблеми како недостатокот на достап до литература и публикации кои се наоѓаат на високо рангираните листи. Како може да очекуваме еден млад научен работник пред кого стои перспектива да публикува во списанија кои се наоѓаат на високо рангираните листи кога тој не го ни видел тоа списание, забележува Чукалиев.

„Државата не обезбедува пристап на научните работници до публикациите кои се тековни, значи до журналите, ниту до новите објавени книги, итн. Не може да очекуваме еден научен работник да публикува во журнал кој не го ни прочитал“, вели тој.

Кога ќе почне да работи на своите трудови, тој користи литература која е можеби неколку години стара, па во некои области дури и неколку децении стара. На тој начин не може да се пробиеме во ниеден случај и да публикуваме во оние престижни журнали, вели Чукалиев.

Резултатите од шангајското рангирање вклучуваат индикатори како што се број на објавени статии во престижни списанија и број на наградувани вработени. Од опкружувањето, на најдоброто место се рангира Универзитетот во Белград, по што следуваат Љубљана и Загреб.

Големи забелешки професорите упатуваат и на реформите што се прават во образованието забележувајќи дека Универзитетите кои може да финансираат и да произведуваат кадар и кој имаат капацитет да прават наука, полека се маргинализираат на смeтка на отварањето нови факултети кои немаат кадар. Според универзитетскиот професор Зоран Поповски, проблем е омасовувањето на студирањето и отварањето студии кои не ги задоволуваат стандардите.

„Драматично се наруши квалитет на високо образовната дејност. Со години не се објавувани конкурси за финансирање на научно истражувачки проекти. Големи пари се фрлија во научно истражувачка опрема, заборавајќи дека таа опрема треба да работи, треба да се набавува потрошен материјал, да се вработуваат млади истражувачи. Сето тоа предизвика една ерозија во научно истражувачката дејност“, вели тој.

Тој укажува дека проблем е и континуираната недоверба во истражувачкиот кадар и тоа што никогаш академската заедница не била ангажирана во решавање на конкретни прашања.

„Просто да кажам, мечтаам за моментот кога државата ќе си нарача стратешки проекти во коишто ќе бидат вклучени домашни истражувачи и ќе бара од тие луѓе и одговорност. Не е само да се дадат големи пари за наука, туку и да се очекува ефект од тоа“, вели Поповски.

Во меѓувреме, Македонија за истражувања и како советници ангажира стручни лица однадвор и за тоа се издвојуваат големи суми на пари.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG