Достапни линкови

Сообраќајот намален, греењето исклучено, а загаденоста расте


Во населбата Лисиче концентрациите на опасните ПМ10 честички достигнаа над 200 микрограми на метар кубен. Слично беше во Гази Баба, во Карпош и Аеродром.

Во изминативе денови и покрај поволните временски услови и релативно намалениот сообраќај поради празничниот период, мерните станици за квалитетот на воздухот на неколку локации во Скопје покажаа загадување неколку пати над дозволените граници. Во населбата Лисиче концентрациите на опасните ПМ10 честички достигнаа над 200 микрограми на метар кубен. Слично беше во Гази Баба, во Карпош и Аеродром.

Граѓаните кои живеат во овие населби на групите на социјалните мрежи, како „Стоп за смрдеата во Аеродром и Лисиче“, алармираат дека индустриските загадувачи, користејќи го празничниот период, ги пуштаат погоните. Тие посочуваат дека загадуваат погоните на компанијата „Макстил“ во фабриката Железара, оџаците на компанијата Цементара, а слики во групата се поставени како чади и топланата на „БЕГ.“

„Во Скопје има многу фактори за аерозагадувањето, со тоа што според некоја логика, колите се намалени поради празниците и годишните одмори, индивидуалното греење на граѓаните е сведено скоро на нула, со што останува факторот на индустријата“, вели Никола Нешкоски, инженер за животна средина од невладината организација „Еко лоџик.“

Граѓаните на социјалните мрежи алармираат дека загадувањето со денови е високо рано наутро и на полноќ, кога чадот не може да се види. Тие велат дека здравјето им е загрозено, дека не можат да спијат од смрдеата и прашуваат: ако состојбата е ваква во летниот период, како ли ќе биде претстојната зима. Граѓанин во групата истакнува дека „и покрај тоа што објавија дека фабриката „Макстил“ ќе прекине да работи на одредено време, деновиве е позагадено од секогаш. Можеби не сметаат за слепи будали и ова го прават со намера. Филтри веднаш“, се вели во коментарот.

Нешкоски смета дека голема е веројатноста за точноста на укажувањата на граѓаните:

„Со оглед на фактот дека тие живеат блиску до загадувачите, претпоставувам дека навечер можат да забележат дека фабриките работат. Е сега, кој треба да го контролира ова и зошто не го контролира, останува една енигма која се провлекува низ годиниве, барем за Скопје“, вели Нешкоски.

Еколошките организации со години укажуваат на бавното инсталирање на технологијата за заштита на животната средина од страна на индустриските загадувачи, на толеранцијата на властите за индустриското загадување и на нејаснотиите околу тоа колку компаниите ги почитуваат роковите и мерките за добивање на еколошките дозволи.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG