Достапни линкови

Рамадани - Политички лидери без одговорност


Рамадани - Политички лидери без одговорност
please wait

No media source currently available

0:00 0:13:55 0:00

Рамадани - Политички лидери без одговорност

Имаме некаква зависност на политичките лидери, конфликтните ситуации, дали се политички, безбедносни или други, да ги надминуваат со инволвирање на меѓународната заедница, вели претседателот на Евро-атлантскиот совет на Македонија, Исмет Рамадани, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Рамадани, од денешна дистанца, по 15 години од потпишувањето на Рамковниот договор, каква беше атмосферата во која политичките партии го усвоија овој документ и може ли да направите споредба со актуелниот Пржински договор, бидејќи повторно меѓународната заедница е значаен фактор кој посредува и повторно четирите партии се седнати на маса?

Гледано од временска дистанца, мислам дека Рамковниот договор е усвоен во време кога сепак имаше вооружен конфликт во Македонија и тој вооружен конфликт беше меѓуетнички, така што и партиските лидери, кој повеќе, кој помалку, беа повеќе загрижени за состојбите тогаш, затоа што се работеше за опстојувањето на Република Македонија како држава, а во исто време тогаш доста беше ангажирана и меѓународната заедница. Самиот факт што уште од почеток беше ангажиран генералниот секретар на НАТО, лордот Робертсон и господинот Солана, како министер за надворшени работи и безбедност на ЕУ, тоа значеше дека сериозно беше сфатен тој конфликт во Македонија и сериозно беа ангажирани. Во исто време, мора да ги поврземе работите и со светските консталации, тогаш НАТО не беше ангажиран надвор од Балканот, подоцна се ангажира во Авганистан и на други жаришта. Лидерите сфатија дека мора да се постигне некаков договор и поради сериозносна на проблемот и тука јас би го истакнал и претседателот на државата Борис Трајковски, покојниот, кој навистина многу придонесе да ги седне на маса лидерите на политичките партии и неговите релации со меѓународната заедница, така што многу посериозно беше сфатено, но и ситуацијата беше многу, многу посериозна.

Каква беше политичката кутура тогаш и сега кога станува збор за постигнување одреден договор и дали со ваквиот начин да се решаваат внатрешни проблеми со интервенции на меѓународната заедница оставаме впечаток на незрелост и отсуство на волја да се решаваат прашања коишто се суштествени за иднината на државата?

За жал морам да кажам дека некоја автентична наша политичка култура немаше ни тогаш, нема ни сега, затоа што некако како од почеток имаше некаква навика на зависност на политичките лидери и државници во Македонија, секогаш во дадени конфликтни ситуации, дали се политички, безбедносни или други, мислеа дека може да се надмине некое политичко или сериозно безбедносно прашање со инволвирање на меѓународната заедница. За жал и ден денес нашите политички лидери и државници дури и со проблем од мал обем, кој може да се решава со еден културен политички дијалог и со некоја одговорност политичка без инволвирање на меѓународната заедница такво нешто овие години не видовме за жал во Македонија. И затоа понекогаш ни се состојбите вакви. Дури можам да ви кажам дека поминаа многу години, поминавме низ многу кризи и наместо да научиме со тие средби и инволвирање на меѓунардната заедница како треба да се води политички дијалог, како да недостасуваше таа висока одговорност кога се работи за опстојувањето на државата. Политичките лидери денеска уште помалку, би рекол, имаат одговорност. Денешното поставување на одредени политички лидери, особено на оние од владата, се однесува и на нивното портфолио, затоа шо веќе се анатемисани како луѓе кои се инволвирани во криминал, а кога се во таква ситуација тие повеќе внимаваат за нивната партија, за нивниот круг на луѓе, и се добива впечаток дека забораваат на интересите на државата.

Колку е реална можноста од ревидирање на Рамковниот договор, бидејќи имаше иницијатори од некои политички партии, но и шпекулации во јавноста за тоа што точно би значело тоа ревидирање и дали тоа би отворило нови превирања?

И ден денеска мислам дека прво требаше Рамковниот договор да се имплементира како таков, а во исто време одредени прашања кои се уставни, затоа што сепак Рамковниот договор денеска е преточен во Устав, и ако тие уставни прашања мора да се имплементираат затоа што ако не се имплементираат тогаш има и санкции за тие што одбиваат да ги спроведат, односно одбиваат да ги земат како сериозни прашања. Мислам дека зависи од политичката волја, затоа што има одредени прашања од Рамковниот договор кои се преточени како рамка во Уставот, кои се читаат и екстензивно и позитивно, а понекогаш самата интерпретација на одредени амандамни зависи од тоа дали се партиите на власт или дали припаѓаат на македонската опција или на албанската и сето тоа создава конфузност во тоа што е јасно напишано и одредено.

Целото интервју со претседателот на Евро-атлантскиот совет Исмет Рамадани може да го погледнете на видео снимката на почетокот на овој текст.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG