Достапни линкови

„Рок симфонија“ за финале на „Скопско лето 2016“


По 40-тина дена урбана уметност, годинашново „Скопско лето“, ќе биде заокружено со проектот „Рок симфонија“ на Камерниот оркестар - Битола. Концертот на кој битолските симфоничари и нивните гости-солисти на инспиративен начин посегаат по светските рок класици ќе се одржи в недела, на 31 јули, во 20.30 часот, на плоштад Македонија.

Големите хитови на светски познатите групи, како ЕЈ-СИ/ДИ-СИ, ЛЕД ЦЕПЕЛИН, ДОРС, КВИН, ДИП ПАРПЛ, ВАЈТСНЕЈК, МЕТАЛИКА и други, оваа неделна ноќ ќе прозвучат и на плоштад Македонија во Скопје. Со изведбата на проектот „Рок симфонија“, по успешните перформанси во Битола, Кавадарци и Штип, Битолскиот камерен оркестар со солистите, пејачите Жарко Јакимовски, Михајло Трајковски – Сак и кларинетистот и саксафонист Петар Христов, ќе го означи и големото финале на „Скопско лето 2016“, културната манифестација која во изминативе 40-на дена се одвиваше под мотото „Урбана уметност“

Говорејќи за оваа успешна серија концерти по Македонија и за идејата за „Рок симфонија“, Никола Трајановски, раководител на Камерен оркестар – Битола, истакнува дека проектот датира од пред две години кога во рамките на „Битфест“ бил одржан првиот перформанс. Поради огромниот интерес на битолчани за овој начин на интепретација на рок-класиците потем следувала и реприза на настанот, за да амбициите на потписниците пораснат и со збогатен репертоар се решат за серија на изведби која беше вклучена во рамките на годинешното издание на манифестацијата „Топол културен бран“ зад која што стои Министерството за култура на Република Македонија.

„На самиот почеток луѓето во публиката реагираат малку чудно. Пред себе гледаат камерен оркестар, главно класично образовани музичари...Но кога ќе започне изведбата и како што тече концертот таа зачуденоста ја снемува, паѓаат оградите, започнува да царува музиката, почнуваат во миг да ги препознаваат песните, расте еуфоријата и се создава навистина една величенствена атмосфера. Така беше не само во Битола, туку и во Кавадарци и во Штип, а не се сомневам дека ќе биде и на плоштад Македонија во Скопје. А, самата реакција на публиката укажува дека овој вид на музицирање и вметнување на рок музиката во репертоарот на сериозните ансамбли треба да се негува и се почесто да го има на сцените во нашава земја.“

Во контекст на ова, Трајановски дополнува дека поучени од ова искуство тие во периодот што следува ќе се обидат да се позанимаваат и со најдоброто од македонската рок музика од изминативе четириесеттина години.

Инаку, Камерниот oркестар на Битола е основан пред неколку децении и со неколку прекини егзистира до денес. Во почетоците бил составен од група ентузијасти, најчесто со мала музичка наобразба или без неа, но нивниот ентузијазам бил толку голем што за тоа време и во тие услови направиле дузина одлични концерти.

Денес Камерниот oркестар на Битола е составен од професионални музичари кои дипломирале, а некои дури и магистрирале на својот инструмент. Зад себе имаат многу успешни концерти низ државата, учество безмалку на сите домашни реномирани фестивали за класична музика и, згора на тоа, соработка со врвни солисти и диригенти од земјава и од странство. Врвни раководители на оркестри како Алесандрo Д’Агостини, Анатолиј Крстев, Борис Спасов, Иван Кожухаров, Саша Николовски - Ѓумар, Сашо Татарчевски, Бисера Чадловска , Ле Фи Фи и други.

На репертоарот на Камерниот oркестар - Битола се наоѓаат дела од сите епохи - од раниот барок па се до современа класична и популарна музика.

„Камерниот оркестар – Битола е составен од дваесеттина професионални инструменталисти за кои неговото постоење и редовното функционирање е од огромно значење. Сите знаеме дека градот Битола бил и е расадник на музички таленти и жално би било да не егзистира и делува една таква установа. Институционилизирањето на Оркестарот, неговото делување во рамките на Центарот за култура, беше и е многу важно за да може да се воспостави целосна концертна активност, да се планира годишна програма, за да може одличен млад талентиран кадар да најде егзистенција во своето родно место и секако да се подигне нивото на музичката култура во градот и во регионот“, потенцира Никола Трајановски.

Конечно, по летните одмори, Камерниот оркестар – Битола новата сезона ќе ја започне во средината на октомври со концерт на сериозна музика.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG