Достапни линкови

Дневен печат - Постигнат договор за излез од кризата


Четирите партии постигнаа договор да се договорат за избори, а владата, преку еврообврзница се задолжи за 450 милиони евра - главни теми во дневниот печат.

Конечно, четирите партии го завршија пазарењето и се договорија, но дали ќе биде испочитувано договореното, ќе се види до крајот на август. Вака некако би гласала нашата вест на денот. Договорот го објави американскиот амбасадор Бејли кој го замени европскиот амбасадор во земјава, Орав, кој според едни медиуми е на „дополнителни консултации во Брисел“, а според други „на одмор“. Ех, оваа наша чудесна Македонија, ги изморува луѓето!

И значи, „Конечно договор, изборниот датум сè уште не е прецизиран“ - објави Утрински; „Политичките партии постигнаа договор“ - наслови Нова Македонија; „Партиите постигнаа договор, датумот за избори ќе се договара на 31 август“ - објави Вечер, но весникот веднаш лицитира со датуми: „Избори на 11 декември?!“ - оди со друг наслов Вечер. Дневник напиша: „Се договорија дека за избори ќе се договорат на 31 август“. Утрински и Вечер го објавија постот на Твитер на Хан: „Добри вести од Македонија, важен чекор за крај на кризата“.

Во меѓувреме, остануваат ли судовите главната потпора на актуелната власт? – се прашува дел од јавноста. „Судот ги одби мерките за претпазливост на СЈО за Јанкулоска, осомничена во предметот познат како Тврдина“ - информира само Утрински.

Утрински и Дневник ја објавија веста дека „Горан Грујевски е разрешен од должноста началник на Петтата управа на МВР“, како што одговорил на едно новинарско прашање првиот полицаец, Чавков.

Во меѓувреме, Владата е упорна, па „Македонија се задолжи со 450 милиони евра со еврообврзницата, чие издавање беше одложено минатата недела и првично беше предвидено да се бараат 650 милиони евра“. Утрински ја објавува изјавата на Кире Наумов од СДСМ дека со ова јавниот долг „е зголемен за над 3 милијарди евра и е на ново историско ниво од речиси 5 милијарди евра, или над 50 отсто од БДП“. Вечер со обвинувања и пресметувања дека СДСМ била виновна што каматата била повисока по нејзините писма до странските банки и инвеститорите: „30 училишта, 60 градинки, 50 километри регионален пат“. Слободен печат со ваков наслов ја објави оваа вест: „Власта доби милиони за да плаќа, народот обврска да ги враќа“.

А онаму, во Турција: „Ердоган почна жестока чистка“ - илјадници војници се уапсени, а повеќе од 2700 судии се разрешени по обидот за воен удар“ - информира Утрински. „Ќе бидат затворени 626 образовни институции поради наводни акции против Уставот“ - наслови Вечер, а Слободен печат пишува: „Ердоган отпушти повеќе од 15 илјади професори и декани“.

Како за крај, ама не помалку вознемирувачко: „Вработена во МВР на својата свадба распалила со рафали од Калашников!?“ Каде, што мислите? Па овде во Македонија, а веста со фотографија на „жешката“ невеста ја објави Слободен печат.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG