Достапни линкови

Врзаните раце на министерот за внатрешни – пречка за договор


Со измените на законот за внатрешни работи, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ му ги врзаа рацете на министерот и направија трик за постигнување на преговарачка позиција, вели поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов.

Ингеренциите на министерот за внатрешни работи е единственото прашање поради кое не се постигна договор на долгата средба на партиските претставници во Пржино. Евроамбасадорот Аиво Орав не сакаше да открие кое е тоа прашање, но од извори вклучени во преговорите се дознава дека се работи за измените на законот за МВР донесени месецов. Со нив всушност се одземаат ингеренциите на министерот за кадровски смени во полицијата, па опозицијата инсистира тој закон да биде повлечен, што, како што велат истите извори, не било прифатливо за владејачката страна.

ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ направија трик за постигнување на преговарачка позиција, вели поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов.

„Направија некакви системски промени кои се во функција на тоа министерот практично да биде англиска кралица, да не може во суштина да си направи свој тим со кој ќе раководи и верувам дека преговорите ќе запнат околу тоа“, вели Трајанов.

Според него, суштината зад ваквите промени во поставеноста во Министерството за внатрешни работи е изборниот процес.

Тие се главната институција што работи на прочистување на избирачкиот список, на спречување на корупцијата при гласање и на други важни прашања, но тоа може да се постигне само ако министерот има ингеренции да води сметка за законито работење, додава тој.

„Ако е вака поставено, директорите да бидат од други партии, министерот од опозицијата, тогаш мислам дека нема да функционира, бидејќи тој нема да може да ја остварува функцијата министер за внатрешни работи“, вели Трајанов.

Од другите прашања што се разговараа, како што се дознава, постигнат е договор за избирачкиот список и медиумите.

За 40 илјади спорни гласачи ќе има јавен повик да се пријават за регистрација, а ако не го сторат тоа во предвидениот рок нема да бидат во списокот.

За медиумите, пак, договорено е да се формира ад-хок тело чиј состав би го предложиле партиите. Тоа би имало четири члена, а петтиот би го избрале тие. Телото ќе има ингеренции да набљудува, но и да изрекува казни за известувањето на медиумите.

Сето ова би важело само доколку се договори сè во пакет, вклучително и отвореното прашање за ингеренциите на министерот за внатрешни работи и мандатот на нова влада како и кога таа би почнала со работа. Ревизија на спроведеното би требала да се направи кон средината на идниот месец. Ако се оцени дека имплементацијата е во ред, тогаш и би се одело на избори до крајот на ноември.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG