Достапни линкови

Хајндл во Скопје со ставовите на Берлин


Архивска фотографија
Архивска фотографија

Берлин поактивно се вклучува во решавањето на политичката криза во Македонија. Денеска во земјава пристигнува и специјалниот пратеник на сојузниот министер за надворешни работи, Франк-Валтер Штајнмаер за Македонија, амбасадорот Јоханес Хајндл.

Голема загриженост поради одлуката на претседателот Ѓорге Иванов за аболиција, работата на Специјалното јавно обвинителство се поткопува, а сите партии би требало да ги засилат своите напори за создавање на минимум предуслови за избори соодветни на европските стандарди. Збирно, од неколкуте соопштенија и изјави на претставниците на германската сојузна влада, ова се пораките на Берлин за актуелната состојба во Македонија.

Веројатно е и сигнал за промена на пристапот или некое признание од Германија дека пристапот кој досега се применуваше не функционира, односно не вроди со плод.
Симонида Кацарска, Институт за европска политика

Од денеска во Скопје е и специјалниот пратеник на сојузниот министер за надворешни работи, Франк-Валтер Штајнмаер за Македонија, амбасадорот Јоханес Хајндл, кој, како што соопшти амбасадата, во овие два дена се сретнува со четирите партии-потписнички на Пржинскиот договор, со министерот за надворешни работи Никола Попоски, со амбасадорите на ЕУ, на САД и со другите амбасадори на ЕУ-земјите.

Според Симонида Кацарска, политиколог од Институтот за европска политика, има неколку причини поради кои поединечна земја членка на унијата одлучува да испрати специјален пратеник за земјава.

„Според мене, мислам дека прво тоа е знак на ренационализација на политиката на проширување кој што го гледаме во последно време, односно враќање на моќта кон главните градови, наместо Брисел. Од друга страна, веројатно е и сигнал за промена на пристапот или некое признание од Германија дека пристапот кој досега се применуваше не функционира, односно не вроди со плод. Третата причина е и самиот берлински процес, односно Германија во текот на изминатата година вербално и со неколку иницијативи се обврза за поттикнување на политиката на проширување и последната причина е што назначувањето на специјален пратеник од страна на една земја членка од колку што би одело на ниво на самата Европска унија“, вели Кацарска.

Единствената јавна изјава, пак, досега на политичар од владејачката партија за доаѓањето на Хајндл ја даде министерот за надворешни работи Попоски, кој рече дека се работи за позитивен сигнал со самиот факт што Германија покажувала интерес дека сака да биде по директно вклучена во процесите кои се случувале во нашиот поширок регион и конкретно во Република Македонија. Според аналитичарот Алберт Муслиу, партиите биле свесни врз кого сега ќе се вршел притисокот.

„Претставникот на Германија не доаѓа во Македонија поради состојбите во регионот, туку конкретно поради политичката криза во земјава и последните случувања кај нас, поконкретно аболицијата и вклучувањето само на ВМРО-ДПМНЕ во изборниот процес. Така што, реално е да се очекува притисокот да биде врз владејачката ВМРО-ДПМНЕ, а не и врз другите политички партии. Секако дека сите ќе се охрабруваат да се вратат во политичкиот дијалог, но мислам дека најголемиот притисок ќе се врши врз владејачката партија“, вели Муслиу.

Инаку, невообичаено за претходниот период реакциите на германската влада зачестија годинава, па пред неколкуте соопштенија во април по одлуката за аболиција на Иванов, во февруари годинава тамошното Министерство за надворешни работи, реагирајќи за изборите тогаш закажани за 24 април, потенцира дека одговорноста пред сѐ е кај владејачката партија.

„Таа не смее да се огради од сознанието дека изборите ќе ѝ помогнат на земјата единствено ако претходно се создадат предуслови за нивно фер спроведување, согласно европските стандарди. За да се обезбедат еднакви шанси за сите партии, неопходни се веродостојни избирачки списоци, медиумски реформи, кои сѐ уште не се спроведени, како и разграничување меѓу партијата и државата, кое недостига“, се наведува во изјавата на германското МНР од февруари годинава.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG