Достапни линкови

Стремежот кон европските интеграции е тешко остварлив сон


Илустрација
Илустрација

Остварување на европскиот сон засега е повеќе фикција, отколку реалност.

Секторот за меѓународна соработка и евроинтеграции во Куманово, невладини претставници и локалната власт, и покрај долготрајната политичка криза во државава, се стремат кон остварување на европскиот сон, кој, пак, е повеќе фикција, отколку реалност. Можеби и не е толку тешко да се исполнат стандардите во инфраструктурата, но несомнено е тешко во услови на општа сиромаштија, невработеност и нискиот животен стандард, партиската поделеност на граѓаните дури и во семејствата, да се смени размислувањето, однесувањето и перцепцијата за припадноста во Европа.

Суштината е на јавноста во Куманово и во Македонија да и се даде порака дали Македонија е на правиот пат за евроинтеграции или имаме некои пречки кои во наредниот период со политичка волја на чинителите во општеството.
Зоран Дамјановски, градоначалник на Куманово

Градоначалникот Зоран Дамјановски кој една деценија е на чело на најголемата локална заедница во државава, која пак е во немилост на централната власт, вели дека и со вложените усилби тешко е нормално да се функционира, а потем и да се европеизира Куманово. За ова се разговара и на панел дискусии, вели Дамјановски, на кои се покануваат и видни аналитичари.

„Суштината е на јавноста во Куманово и во Македонија да и се даде порака дали Македонија е на правиот пат за евроинтеграции или имаме некои пречки кои во наредниот период со политичка волја на чинителите во општеството ќе бидат отклонети и долго очекуваниот пат на Македонија во евроинтеграции и НАТО Алијансата ќе биде широко отворен“, вели тој.

Неговите визии, како што предочува Дамјановски, се првенствено за демократизација на општеството, бидејќи Македонија се наоѓа во длабока политичка криза, во еден ќорсокак каде што имаме суспензија на демократски односи, човекови права, слобода на медиумите, огромна коруптивна афера, па од тој аспект нашите ментори кои не опсервираат и не насочуваат кон европскиот пат, сметаат дека Македонија треба да направи голем исчекор за да се доближиме до ЕУ. Улогата на локалната самоуправа во сето ова, според Дамјановски, е државата и институциите да не се во диспропорција.

„Ние како локална самоуправа служиме како пример во Македонија како опстојува една опозициска општина десет години под владеење на автократската власт на Груевски и неговата свита, покажува како се живее мултиетнички, како се формира граѓанско општество. Во тоа Куманово е пример и по етничкиот, по политичкиот состав и по обемот за Македонија“, вели тој.

Граѓаните кои не се вклучени во политичките активности сметаат дека и Куманово и Македонија се далеку од европскиот пат. Не само што нема изградено инфраструктура, туку и бројните општествени проблеми укажуваат дека е неопходна голема работа за нивното надминување.

„Имаме навистина мултиетнички живот, но сето тоа не е доволно. Мислам дека ЕУ бара други стандарди. Имаме желба, но желбите треба да бидат реалност за што е неопходно многу да се работи. Инаку, лично, ја поддржувам „Шарената револуција“, затоа што граѓаните треба да бидат тие што ќе одлучат да му кажат „не“ на оној фактор кој не работи во нивен интерес, а според мене ЕУ изгледа си има друга политика за Македонија“, вели тој.

Како и да е, младите кумановци преку бројни невладини здруженија активно се вклучуваат во сите европски проекти, собираат искуство кое се обидуваат да го пренесат и да го применат во Куманово. Засега освен што мобилизираат се повеќе нивни врсници, не можат многу да влијаат во надминување на основните животни проблеми. Дел од нив не ретко заминуваат со билет во една насока, а поупорните сметаат дека треба да останат и да опстанат тука.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG