Достапни линкови

Предупредување до владини функционери вклучени во прислушувањето


Архивска фотографија: Вицепремиерот за евроинтеграции Фатмир Бесими.
Архивска фотографија: Вицепремиерот за евроинтеграции Фатмир Бесими.

Важно е дека во извештајот се споменува препорака и дека ни претстои работа за спроведување на договорот од Пржино и итните реформски приоритети, вели вицепремиерот Фатмир Бесими.

Вицепремиерот Фатмир Бесими се оградува од какво било коментирање на извештајот во кој меѓу другото ЕК комисија нотира вмешаност на владини функционери во прислушувањето, посочувајќи дека тоа е работа на специјалната институција која е формирана. Според Бесими, важно е дека во извештајот се споменува препорака и дека ни претстои работа за спроведување на договорот од Пржино и итните реформски приоритети, со надеж за отворање на некои од поглавјата по изборите во април.

Условената препорака за нас ќе значи уште повеќе работа и фокус во однос на постигнување на целите на Македонија и во наредниот период.
Фатмир Бесими, вицепремиер за евроинтеграции.

„Условената препорака за нас ќе значи уште повеќе работа и фокус во однос на постигнување на целите на Македонија и во наредниот период“, рече Бесими.

Говорејќи за делот од извештајот во кој се споменува прислушувањето, меѓутоа експертите велат дека со тоа ЕК испраќа предупредување до функционерите за кои евидентно било дека се вклучени во прислушувањето. Поранешниот разузнавач Владимир Пивоваров вели дека е точна констатацијата која е наведена во извештајот на ЕК за вмешаност на владини функционери во прислушувањето, кој дополнува дека треба да се почека на правната разврска на тоа прашање, со оглед дека предметот ќе се најде кај специјалниот обвинител. Но, според него, тоа што извештајот го спомнува прислушувањето, не е случајно.

„ЕК нотира дека високи владини функционери се вмешани. Тие тоа не го даваат случајно, туку сигурно имаат одредени сознанија, одредени проверки се направени од нивна страна од експертите кои учествуваа во изготвување на извештајот на Прибе. Гледам дека некои политичари денеска го негираат таквиот извештај, што не е во ред. Значи сè она што не ни одговара, што се правело криминал не се важи.

Пивоваров дополнува дека што поскоро го реши обвинителката предметот со материјалите што ги објави опозицијата, македонската јавност ќе знае дали е нешто монтирано или се работи за изворни разговори. Инаку, секторот за евроинтеграции направил анализа каде Македонија се наоѓа во регионот според економските, политичките и правните параметри. Според добиените параметри, Македонија во регионот е во средина, а според политичките параметри е последна во регионот.

Вицепремиерот, говорејќи за извештајот, рече дека во наредниот период ќе биде побарано од наша страна да се отворат поглавјата 23 и 24 кои се однесуваат на правосудството и човековите права. Услов за отворање на поглавјата е да се реши спорот за името. Тоа останува како обврска, вели Бесими, но тој смета дека ЕК комисија може да има разбирање дека со отворањето на поглавјата ќе се помогне во реформскиот процес.

Говорејќи за дел од содржините на извештајот, Бесими сепак на некој начин кажа дека тој е објективен, осврнувајќи се на еден дел во кој ЕК ја оценува како добар пример комуникацијата што Секретаријатот за евроинтеграции ја остварува со цивилниот сектор.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG