Достапни линкови

Опасно блиски средби меѓу САД и Русија на Балтикот


Опасно блиски средби на САД и Русија на Балтикот
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:44 0:00

Опасно блиски средби на САД и Русија на Балтикот

Американскиот секретар за одбрана Ештон Картер изјави дека НАТО разгледува распоредување ротациони копнени сили во балтичките земји и Полска за да се спречи евентуалната руска агресија. Во меѓувреме, Пентагон оцени дека се зголемуваат тензиите поради летовите на руски авиони во близина на американски бродови.

Министерот Картер во разговор со новинарите во текот на летот за Штутгарт каде што е седиштето на Командата на американските сили за Европа прецизира дека НАТО може да распореди околу 4 илјади војници во балтичкиот регион.

Соединетите Држави во февруари годинава решија да испратат околу четири илјади и 200 војници во Источна Европа, а според Картер, одлуката за дополнителни војници би требало да биде донесена на состанокот на НАТО во јуни.

Во меѓувреме, командантот на американската воена морнарица Џон Ричардсон изјави дека летовите на руски авиони во близина на американски бродови и авиони на Балтикот ги зголемуваат тензиите меѓу Русија и САД.

„Не мислам дека Русите сакаат да испровоцираат инцидент. Мислам дека се обидуваат да испратат сигнал и да ни стават до знаење дека гледаат оти сме на Балтикот“, рече тој во Вашингтон.

Американското Министерство за одбрана соопшти дека во петокот руски авион од типот „СУ27“ извел маневар над еден американски брод на Балтичко море.

Не мислам дека русите сакаат да испровоцираат инцидент. Мислам дека се обидуваат да испратат сигнал и да ни стават до знаење дека гледаат оти сме на Балтикот.
Џон Ричардсон, командант на американската воена морнарица

Претходно руски авион прелетал на околу 15 метри од едно американско летало, додека два руски авиона летале во близина на друг американски брод.

Ричардсон изјави дека ваквите постапки ја зголемуваат шансата за „тактичка грешка“ и оти Вашингтон сака „некаков вид нормализација во тој регион“.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ја бранеше последната блиска средба што се случи во петокот наведувајќи дека пилотите решиле, како што рече, да го погледаат бродот од безбедна далечина“.

Американскиот државен секретар Џон Кери ја осуди постапката на руската авијација, наведувајќи дека морнарицата можела да стрела.

Во минатата недела рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу оцени дека ситуацијата се влошува.

„Воената соработка меѓу Русија, НАТО и Европската унија е замрзната и тоа не е наша вина“, рече Шојгу на Петата конференција за меѓународна безбедност што деновиве се одржа во Москва.

Западот се обидува да ја зајакне одбраната на нејзиното источно крило и трајно да стационира големи сили во членките на НАТО од Источна Европа, како Полска, балтичките држави и Чешка, кои со децении беа под советска доминација, без притоа да го предизвика Кремљ.

Но, тензиите се зголемуваат, а Русија оцени дека НАТО поттикнува опасна ситуација.

„Ќе биде тешко да се изгради нов систем на контрола на вооружувањето под услови на акутен недостиг на доверба во Европа. Притоа се води тешка и бескомпромисна информациска војна против Русија. Може да се слушнат декларации за закана за европските земји кои доаѓаат од Москва, како и за потребата од воено застрашување на нашата земја “, рече Шојгу.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG