Достапни линкови

„Кај ни е крајот“ - вие коментирате


Протести против одлуката на претседателот Ѓорге Иванов за помилување на политичари во Скопје. Протест, демонстранти.

„Ништо не гледам, ништо не слушам, ништо не зборувам...‟ „На народот сендвичи, а за газдата бароци. Ех, Македонијо!‟

Одвреме-навреме некој наш текст или интервју за РСЕ ќе предизвика бура од реакции и ќе надмине некој наш рекорд на испратени ваши коментари, било на веб-страницата, било на Фејсбук. Особено кога ќе се појави некоја критика за граѓаните Македонци.

Не е корумпиран, толку вреди на пазар, а што е уште потрагично, не е ни свесен дека таа цена му ја определиле тие за кои гласал и го претвориле во евтина стока.

При ова, дозволете ни да забележиме дека изгледа никој од нас не сака да трпи критики, што, на крајот на краиштата е и човечки. На пример, некои констатации на професорот на Филозофскиот факултет во Скопје, Ристо Солунчев, кој во неделното интервју за РСЕ покрај другото вели дека „Власта ги искорумпира граѓаните‟, буквално предизвикуваат фрлање дрва и камења по него, многу често и лични навреди.

Се чини, се оди по онаа: „Никој не ме гледа кој сум, можам да кажам што сакам‟. Еден од ретките што се согласува со мислењето на професорот Солунчев е Незабеган, кој на нашата веб-страница запишал дека „ВМРО-нската и ГДОМ-нарската барокна опсесија со антиката и бркањето странски непријатели и домашни петоколонашки и соросоидни вештерки за палење на клада, им го зашеметува осетот за критичко размислување кај еден сегмент на македонската популација...

Како трите мајмуни: Ништо не гледам, ништо не слушам, ништо не зборувам...‟.

Арно ама, Македонец од Скопје вели: „Немој да ги вреѓаш Македонците. Ако ти се коментира и опишува некој народ, коментирај си го твојот, од каде и да е твоето потекло...“ Фадил Сулоски затоа, на Фејсбук напишал: „Не е корумпиран, толку вреди на пазар, а што е уште потрагично, не е ни свесен дека таа цена му ја определиле тие за кои гласал и го претвориле во евтина стока...‟

Стефан Цветановски се надоврзува: „Треба да си глупав па да не сфатиш како ги корумпира – вработи ги во државен сектор, ништо не работат а земаат пари...

Информацијата под наслов: ’Шарено’ пред Влада, ’весело’ пред Собрание, Јелица Карова вака ја коментира на Фејсбук: „’Шарено’ пред Влада против злосторничкото здружување да се разнебити државата во секој сегмент и вечно да се владее и ’весело’ пред Собрание со лажен патриотизам, уценувани весељаци дека ќе останат без работа и другите бенефиции што ги добиле по партиска линија. ЗОШТО? ’Весело’ да им овозможиме на злосторниците, уценувачите, угнетувачите... да владеат вечно!

Ристо Тошески постирал: „Глупоста продолжува. Народот осиромашен, способните бегаат, мукачи од двете страни се борат за позиција, демек се за демократија. Кај ни е крајот????‟

ГДОМ – Библиска Македонија сака избори – вака гласи насловот на нашиот текст што на Фејсбук го коментирал Горан Дрвошанов: „Глуви ли сте или слепи или сте еден од оние платените убијци на Македонецот? Зборувате за библиска Македонија, а живееме на врвот на лагата и измимата, штитите корупција и криминал, убиства, невини во затворите, за каков патриотизам зборувате ако стоите во одбрана на оние што ја испокрадоа и уништија државата?‟ За протестите наречени „Шарена револуција‟ на Фејсбук има стотици негативни коментари што поради недоличниот јазик нема да ги пренесеме.

Времето ни дозволува само да го цитираме Стојан Младеновски: „На народот сендвичи, а за газдата бароци. Ех, Македонијо!‟

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

Ваше мислење

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG