Достапни линкови

Орав со остра критика за состојбата во медиумите


Јавната доверба во медиумите се намалува, вели евроамбасадорот Орав. Тој забележува на неказнувањето на говорот на омраза, немањето балансирано и правично известување, за финансирањето на медиумите, поделената новинарска фела, немањето плурализам со што им се ускратуваат информации на граѓаните.

За жал, ситуацијата со слободата на изразување во Македонија денеска не е добра и извештаите на Европската комисија за напредокот на земјата кон ЕУ јасно посочија дека таа останува и натаму сериозен предизвик, порача денеска евроамбасадорот Аиво Орав.

Во принцип политичарите треба да гарантираат безбедно опкружување во кое што ќе можат да бидат изразени различни мислења. Јавните органи исто така ќе треба да ги истражат случаите на насилство против новинарите, а правосудството треба да ја гарантира слободата на нивното изразување.
Аиво Орав, амбасадор на ЕУ во Македонија.

На отворањето на последователната конференција на „Speak up“ тој истакна и дека предизвиците значат немање на балансирано и правично известување, автоцензура на новинарите, како и немањето пристап до јавни информации, а независноста на регулаторните тела на се почитува или не е запазена, при што финансирањето на медиумите не е доволно транспарентно, додека финансирањето на јавниот сервис не е адекватно. Според него, заедницата на новинарите е поделена наместо тие заеднички да ги штитат нивните интереси, а многу често може и да се слушне говор на омраза во медиумите без тоа да биде проследено од надлежните институции. Тоа, како што нагласи Орав мора да се промени.

„Немањето плурализам во медиумите значи и дека граѓаните нема да имаат пристап до различни видови информации. Тоа значи дека се поткопува демократијата и ефективноста на институциите. Јавната доверба во медиумите се намалува заедно со нивната способност и капацитет да делуваат како јавен укажувач на она што се случува. Во принцип политичарите треба да гарантираат безбедно опкружување во кое што ќе можат да бидат изразени различни мислења. Јавните органи исто така ќе треба да ги истражат случаите на насилство против новинарите, а правосудството треба да ја гарантира слободата на нивното изразување“, вели Орав.

Истовремено, додава Орав медиумите мора да ги запазуваат професионалните стандарди и иако сите ја потпишале повелбата за известување за време на избори таа слабо се почитува. Тој посочи и дека етичките принципи не треба да важат само за време на избори, туку да бидат постојана водилка на медиумите. ЕУ, според Орав е свесна дека да се живее до медиумските стандарди е предизвик за повеќето земји со кои Унијата се проширува.

„Меѓутоа алтернативата е слаб процес на стејт билдинг без демократска контрола, со ограничен надзор во однос на корупцијата и јавно мислење коешто е опасно изложено на дезинформирање“, вели Орав.

Директорот на Македонскиот институт за медиуми Билјана Петковска вели дека кога се работи за слободата на медиумите кај нас не постои ниту минимален консензус меѓу политичките елити да се разговара за тоа прашање. Тоа, како што истакнува таа, најдобро го илустрира одбивањето на Парламентот за било каква дискусија од предложената иницијатива на медиумските организации за измени во законот.

„Што покажува тоа за нашето општество? Тоа покажува дека не постои никаква волја да се дебатира за нешто што не е во рамки на партиска програма, во рамки на политичка одлука, а е особено важно за граѓаните“, вели Петковска.

Според Петковска, ситуацијата е безнадежна и со сегашниот распоред на политичките партии во Парламентот нема да има отстапување во оваа проблематика.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG