Достапни линкови

Бејли - време е да се одврзе јазолот за името


Македонија треба да работи на кредибилни избори, работата на СЈО и реформите во медиумите за да испрати порака до идните НАТО сојузници за посветеност на вредностите на Алијансата, рече американскиот амбасадор Бејли на Денот на НАТО. Тој рече и дека е добро што се зголемуваат контактите за надминување на спорот за името.

Кредибилни избори, работата на СЈО, реформите во медиумите се дел од трите области на кои Македонија, како што порача американскиот амбасадор Џес Бејли, треба да дејствува за земјата да оди напред. Останатите се односите со Грција и одбранбените можности на Македонија.

Така што сега има развој на настани и нема подобро време за да се одврзе јазолот за тоа прашање, а САД, ОН и другите пријатели се подготвени да асистираат во вашите и во напорите на Атина.
Џес Бејли, амбасадор на САД во Македонија.

САД, како што изјави тој, за време на своето обраќање по повод Денот на НАТО во Домот на АРМ, можат да и помогнат на Македонија во нивното остварување. Бејли се осврна на тоа што го потенцирал и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг на неодамнешните средби со македонските лидери, дека е витално да ги спроведат своите обврски од Договорот од Пржино и да ги имплементираат реформите кои се потребни за изборите.

„Кредибилни избори, работата на СЈО, реформите во медиумите и други области. Заедно тие испраќаат стратегиска порака на вашите идни НАТО сојузници за вашата посветеност на вредностите на Алијансата. Меѓутоа полу мерките ја испраќаат спротивната порака и може да ја поткопаат поддршката. Така да овие три области, односите со Грција, одбранбените можности и демократијата и владеењето на правото, нудат можности и се признание за многуте предизвици околу нас. Мојата порака е многу едноставна-искористете ги овие можности“, рече Бејли,

Според Бејли, добро е што Македонија и Грција ги зголемуваат контактите во однос на спорот со името, а мигрантската криза ја потенцирала потребата за поголема соработка.

„Така што сега има развој на настани и нема подобро време за да се одврзе јазолот за тоа прашање, а САД, ОН и другите пријатели се подготвени да асистираат во вашите и во напорите на Атина“, рече Бејли.

Министерот за одбрана Зоран Јолевски изрази надеж дека на Самитот на НАТО во Варшава, Грција ќе ја почитува одлуката на Меѓународниот суд за правда и рече дека Македонија останува силно посветена на евроатланските интеграции.

„Членството на НАТО ќе придонесе за натамошно јакнење на безбедноста и стабилноста што позитивно ќе влијае на деловната клима, економскиот раст и развојот, како и благосостојбата на нашите граѓани“.

Според Јолевски, Македонија ќе ги исполни и бараните реформи, а со фер, кредибилни и демократски избори на 5 јуни ќе докажат оти ги споделуваат вредностите на НАТО и ќе останат посветени на разговорите за името под покровителство на ОН. Претседателот на Евроатланскиот совет, Исмет Рамадани порача дека политичката криза трае предолго и потребно е таа да се адресира со сериозност и претпазливост и политичките партии треба да постигнат консензус што поскоро за сите прашања, а резултат на тоа да бидат фер и кредибилни избори.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG