Достапни линкови

Амбасадорите се изјаснија, на потег партиите


Ќе има или ќе нема избори на 24 април од ВМРО-ДПМНЕ допрва ќе се изјаснат, откако меѓународната заедница оцени дека сега нема услови за кредибилни избори. И од СДСМ најавија став.

Откако беше презентирана заедничката оценка на ЕУ и САД дека во оваа фаза нема услови да се организираат предвремени парламентарни избори на 24 април од ВМРО-ДПМНЕ соопштуваат дека денеска ќе излезат со став по прашањето, а истото го најавија и од СДСМ.

Од опозициската партија вчера соопштија дека меѓународната заедница го потврдила она што СДСМ го говори цело време, дека на 24 април нема услови за слободни, фер и демократски избори.

„Уште еднаш се покажа, ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски се единствените коишто од самиот почеток го кочеа процесот на имплементација на Договорот од Пржино. Граѓаните сега со право очекуваат да се исполнат сите услови за фер и демократски избори преку навремено прочистување на Избирачкиот список и преку навремена регулација на медиумите. Правото на слободни избори и демократски изразеното право на глас на секој граѓанин во Република Македонија мора да биде обезбедено и гарантирано“, се наведува во соопштението на СДСМ.

САД и ЕУ загрижени за заплашувањето на гласачите
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:04 0:00

По вчерашната вонредна лидерска средба, изјава даде само претседателот на ДУИ, кој рече дека неговата партија е на иста линија со меѓународната заедница и оти партиите не смеат да дозволат Договорот од Пржино да пропадне. ДУИ нема да влезе во конфронтација со меѓународната заедница, изјави Ахмети одговарајќи на прашање дали изборите треба да се одложат или не. На лидерската средба не присуствуваше претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски, а од ДПА не дадоа коментар за оценката на меѓународната заедница.

Aмериканскиот амбасадор Џес Бејли синоќа пред Владата и во присуство на претставник на Делегацијата на ЕУ во Македонија изјави дека одреден напредок е направен, но оти се уште има отворени прашања.

„Нотираме дека резултатите од работата на ДИК во однос на проверката на избирачкиот список во оваа фаза не се доволни за да се одржат кредибилни избори на 24 април, иако одреден напредок е направен. Исто така се уште не е постигнат договор за медиумските реформи за да се осигура поле за еднаков пристап. Исто така сме загрижени од извештаите за притисоци и закани врз гласачите и други лица. Сето ова е многу загрижувачко“, се наведува во заедничкото соопштение на ЕУ и САД.

Според Бејли како можен датум за избори се споменува 5 јуни, но притоа се очекува политичките лидери да работат со цел да се обезбедат услови кои ќе овозможат кредибилни избори на најрано можниот датум. Еврокомесарот Јоханес Хан, пак, на социјалната мрежа Твитер напиша дека квалитетот на изборите е поважен од датумот кога ќе се одржи. Во меѓувреме ВМРО-ДПМНЕ ја прекина и соработката со белгискиот олеснувач во преговорите меѓу политичките партии, Питер Ванхауте. Според партијата таквата одлуката се базира на неговите навреди кон ВМРО-ДПМНЕ и нивните претставници кои учествуваа во преговорите, како и континуираните омаловажувања кон народот и кон земјата.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG