Достапни линкови

Протест против насилство врз учениците


Родители на основци кои учат во основно училиште „Толи Зордумис“ во Куманово, протестираа откако еден од учениците бил претепан од група средношколци.

Родители на основци кои во кумановското Основно училиште „Толи Зордумис“ посетуваат настава на македонски наставен јазик се собраа во училишниот двор за да ја изразат својата загриженост за безбедноста на нивните деца, откако во петокот беше претепан основец од група средношколци Албанци. Поддржани од наставниците и директорот на училиштето, од Секторот за образование во локалната самоуправа и од некои родители чии деца во истото училиште посетуваат настава на албански јазик, заземен е став дека не само што основците ќе имаат полициско и обезбедување од агенција, туку се повеќе треба да се работи на укажување на децата дека не треба да има конфликти помеѓу нив.

Претепаниот основец, според неговата мајка Александра Петковиќ, освен што има физички повреди по целото тело, тој според неа, е во тешка психичка состојба. Осмоодделенецот како примерен ученик до сега немал никакви конфликти. Мајката на претепаното дете најавува приватни тужби против тие што го нападнале нејзиниот син и очекува полицијата да преземе соодветни мерки.

„Под шок сум, не знам што да правам, размислувам дали детето да го префрлам во друго училиште“, вели Петковиќ.

„Заедно играат, во едно училиште учат и не треба да има инциденти, тоа според мене не е добро“, смета запрашан родител.

Во мултиетнички средини се случуваат вакви настани, вели Жика Крстевски од Секторот за образование. Тој додава дека ќе се преземат мерки за поорганизирано обезбедување на децата преку присуство на полиција и на обезбедување од агенција.

„Нормално е дека повеќе треба превентивно да работиме на едукација со родителите и со децата дека мораме заедно да живееме и меѓусебно да се почитуваме. Во меѓувреме мора да има и обезбедување“, вели Крстевски и додава дека ова е само последица на општата состојба во државава. Според него често се одржуваат разновидни работилници, но неопходно е и институционално овој проблем да се надминува, за да нема вакви настани.

Бобан Ѓорѓиевски директор на училиштето вели дека ги презема сите мерки за безбедноста на учениците.

„Ние секако и до сега сме преземале низа активности да ги зближиме учениците, учествуваме во различни проекти од меѓуетничка интеграција и ќе продолжиме. Овој немил настан што ни се случи да биде нападнат наш ученик не е од нашето, туку од друго училиште.“

Ова основно училиште е во мултиетничка средина, а во него наставата децении наназад се одвивала и на македонски и на албански јазик. Меѓуетнички инциденти речиси и да немало. Меѓутоа, како што раскажува еден од жителите, и сега не би имало проблем меѓу децата од училиштето. Проблеми, според него, прават средношколци кои тука поминуваат за и од средното училиште во поранешната касарна „Христијан Тодоровски Карпош“. Тој вели дека иако е од мешано турско-албанско семејство во овој дел од градот секогаш се живеело во добри меѓусоседски односи. Во О.У.„Толи Зордумис“ настава посетуваат и деца од селото Режановце, како и од Железничка станица, кои патуваат со училишен автобус.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG