Достапни линкови

Ситуацијата во Идомени може да експлодира


Илјадници шатори распослани во Идомени. Бегалците со денови чекаат во мизерни услови да го продолжат патот натаму. Тие секојдневно по неколку часови во редици чекаат да добијат храна и вода или да посетат доктор. Сите можат да полудат за некој ден, вели еден од бегалците од Сирија.

На само неколку километри од македонско-грчката граница привидно сè изгледа нормално, но на неколку стотини метри подолу ситуацијата е поинаква. На патот кој води до прифатниот камп Идомени, веќе може да се забележат бегалци кои патуваат во помали групи. Со некоја торба во која го спакувале својот живот и со децата под рака бегаат од војната за да пронајдат мир во некоја од западно- европските земји. Асфалтот го заменуваат со скратениот пат по околните ниви кои водат до кампот. Безброј шатори во разни бои се распослани пред грчко-македонската граница каде тие чекаат со денови да го продолжат својот пат.

Ситуацијата е мизерна. Сите може да полудат за некој ден, бидејќи времето е многу ладно навечер и кога врне сè е мокро и секое дете е болно, како и жените. Секој тука е збунет и можеби за некој ден ситуацијата ќе експлодира.
Мухамед Џаруши од сирискиот град Хомс.

Еден од нив е и Мухамед Џаруши од сирискиот град Хомс. Во Идомени се наоѓа 10 дена со неговите родители, браќа и сопруга. Патувал околу 20 дена од Турција, па до грчките острови за да стигне до Идомени.

„Ситуацијата е мизерна. Сите може да полудат за некој ден, бидејќи времето е многу ладно навечер и кога врне сè е мокро и секое дете е болно, како и жените. Секој тука е збунет и можеби за некој ден ситуацијата ќе експлодира“, вели Мухамед Џаруши од сирискиот град Хомс.

Џаруши се надева дека ќе стигне во Германија каде ќе се чувствува безбеден и ќе го продолжи неговото образование. Условите во Идомени веднаш може да се забележи дека се тешки. Освен малите шатори на кои е испишано дека им е ладно и на кои повикуваат да ги отворат границите, бегалците немаат ништо со себе, а и она малку што го носат може да им биде украдено.

„Отворете ја границата“
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:13 0:00

„На пет минути отидов до тоалетот и некој дошол во мојот шатор и ми украл 100 евра и мојот ранец“, вели едно седумнаесет годишно момче од Алепо, Сирија, кој седум дена се наоѓа во кампот. Уловите во кампот се тешки и сака со неговото семејство да стигне во Германија, бидејќи неговата мајка е болна.

Бегалците со часови чекаат во редици секојдневно да добијат помош во храна и вода или да посетат доктор. Има и такви кои се обидуваат да профитираат од нивната мака и им продаваат кафе, леб, цигари и овошје и зеленчук. Чекаат и оние кои веќе дошле на ред да преминат на македонска територија. Само оградата со бодликава жица и полицајците ги спречуваат во нивните намери. Понекогаш бегалците го губат трпението.

„Ние ќе останеме се додека не ја преминеме границата. Ќе пружаме отпор. Ќе останеме и ако е потребно шест месеци или една година“, велат беглаците.

Некои во знак на протест седнат на пругата, за да покажат дека не планираат да се откажат и бараат границите да бидат отворени. Хасан од Сирија вели дека сака само да живее во мир во Германија или Швајцарија. Патува без неговото семејство кое останало дома.

„Сакаме само да ја отворат границата за да го продолжиме патот во Европа, затоа седиме тука“.

Откако ќе ја преминат границата за бегалците е полесно. Се упатуваат кон македонскиот прифатен камп „Винојуг“ каде условите се подобри, бидејќи таму се наоѓаат само неколку стотини бегалци откако македонските власти ја ограничија дневната квота.

„Бегаме од војната во Сирија и од бомбите“, вели Џаруши, „а да гледате смрт во Сирија е страшно“ и додава оти дека не дошле во Идомени за повторно да се соочат со смртта.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG