Достапни линкови

Ново задолжување на Владата повеќе од планираното


Владата планираше да се задолжи со 5,5 милиони, а на крај се задолжи за 12,5 милиони евра. Минатата недела, наместо планираните 15,5 милиони евра позајми скоро 31 милиони евра. Само од почетокот на месецот, тоа се 22 милиони евра поголеми задолжувања од планираното.

Министерството за финансии продолжува да се задолжува и тоа повеќе од планираното и покрај претходните владини најави дека парите обезбедени од еврообврзницата ќе бидат доволни за да се финансираат потребите во првата половина од годинава.

Во секој случај оваа ситуација нема да оди на добро, јас мислам дека ќе расте потребата од нови задолжувања, доколку продолжи политиката која моментално сега ја водат Владата и Министерството за финансии.
Слободан Најдовски, економски аналитичар.

Владата денеска од домашните банки зеде седум милиони евра повеќе од што најави. Планираше 5,5 милиони, а на крај се задолжи за 12,5 милиони евра. Во овој период не се предвидени враќања на стари долгови. Минатата недела, пак, владата планираше да се задолжи за 15,5 милиони евра, а на крај позајми скоро 31 милиони евра. Само од почетокот на месецот, тоа се 22 милиони евра поголеми задолжувања од планираното.

Дел од експертите, пак, велат дека во предизборен период секоја влада треба да се однесува рационално и одговорно.

Поранешниот пратеник и економски аналитичар Слободан Најдовски се сомнева дека парите со кои сега државата се задолжува ќе бидат искористени за претстојните избори.

„Во секој случај оваа ситуација нема да оди на добро, јас мислам дека ќе расте потребата од нови задолжувања доколку продолжи политиката која моментално сега ја водат Владата и Министерството за финансии и ќе треба сега новоизбраната Државна изборна комисија и Судот да се произнесат – дали задолжувањето кое сега го прави министерот за финансии е во склад со законот или е кршење“, вели тој.

Најдовски додава дека секое надминување на границата на задолжување, наместо на враќање на стари долгови, е надвор од постојаните законски норми и дека тоа е во судир со определбата за спречување на користење на државните пари во насока на претстојните избори.

Поранешниот гувернер на Народната банка, Петар Гошев вели дека прво е важно за што се задолжува земјата, а откако ќе се исцрпи тоа прашање со задолжувања кои не придонесуваат за зголемување на БДП-то, тогаш во еден момент станува проблематично и кога земјата се задолжува за корисни работи.

„Затоа што вие сте ја преминале линијата којашто го означува капацитетот на една економија, на една популација за враќање на долговите. Тоа е централното прашање, најважно е во определен период за што вие се задолжувате, затоа што ако се задолжувате за тоа што е потребно тоа значи дека со долгот којшто е трансфериран во националните сметки, во растот на БДП преку продуктивни проекти, вие всушност сте обезбедиле простор повеќе од тоа што ни е потребно за враќање на основицата и каматата, но бидејќи во Македонија откако е оваа власт тоа никогаш не се случило, никогаш кредитите, заемите немаат мултипликативен ефект врз растот на брутодомашниот производ во одредена точка за што било да земете пари и за она што ви е по сите критериуми неопходно вие едноставно немате простор за тоа и Македонија влегува во таа зона, затоа што враќањето на овие кредити наскоро воопшто нема да биде можно со постојното ниво на даноци и придонеси коишто се наплатуваат од економијата и од физичките лица“, вели Гошев.

Пред минатонеделното задолжување дополнителниот заменик министер за финансии Кире Наумов ги предупреди домашните кредитори да внимаваат при купувањето обврзници бидејќи сите задолжувања над распишаната сума ќе бидат предмет на дополнително законско преиспитување. Но, експертите тогаш коментираа дека банките не се виновни за задолжувањата и тие само си ги следат своите интереси, а виновна е власта што се задолжува. Наумов вели дека само со првото задолжување во 2016 се реализирале 5 отсто од планираниот дефицит за целата 2016 година.

Со вакво темпо на задолжување веќе во месец мај планираниот дефицит за целата 2016 година ќе биде реализиран“, рече Наумов и додаде дека очигледно власта се води од девизата „после нас потоп“.

Според фискалната стратегија за периодот 2016-2018 година, Македонија планира да го зголеми долгот за 1,6 милијарди евра во наредните три години. Јавниот долг во наредните три години треба да достигне 5,6 милијарди евра, односно 52,4 отсто од БДП-то. На крајот на септември минатата година, овој долг бил помалку од 4 милијарди евра, односно 44 отсто од БДП-то. Според стратегијата, буџетскиот дефицит постепено треба да се намалува и до 2018 да достигне 2,6 отсто од БДП-то.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG