Достапни линкови

Ранко Бубамара - Контра вицовите се неуспешна мисија


Ранко Бубамара - Шоуто „Вашиот министер звучи познато“ ја одбележа 2015
please wait

No media source currently available

0:00 0:16:19 0:00

Ранко Бубамара - Шоуто „Вашиот министер звучи познато“ ја одбележа 2015

Некој што сака да направи нешто од контра или за инает, тоа не може да го постигне во уметноста. Ако некој сака да направи виц, а да е контра виц, тоа е неуспешна мисија, вели Ранко Петровиќ, автор и режисер на Златна бубамара во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Петровиќ, може ли да направите ретроспектива во однос на хуморот и општеството преку растот и развојот на Бубамара, ако може да се каже од новороденче до адолесценција? Ова годинава ќе биде 19 издание на Златна бубамара.

Сметам дека за овие 19 години оставиме некаков историски документ на сатиричен забавен начин како се развивало нашето општество, а со тоа и нашата манифестација. Колку повеќе беше урнебесно и сатирично општественото живеење кај политичките личности, толку ние таа општествена трагедија ја опишувавме на нашата Златна бубамара, така што сметам дека еве веќе како 19 години сме доволно зрели за да можеме да тргнеме во војска, што се вели.

Измина една бомбастична година. Каква бубамара ќе има годинава?

Минатата година помина во знакот на големото радио шоу – Вашиот министер звучи познато, тука сите се трудеа да освојат што повеќе поени, и едните и другите нели, пред се публиката беше задоволна од тоа што го слуша и сметам дека актерите одлично си ја изработиле својата работа.

Покрај толку многу контра акции и контра протести, очекувате ли годинава контра Бубамара?

Оваа наша работа е малку потешка, бидејќи тука ние се даваме со душа и со тело и го правиме тоа со голема љубов. Некој што сака да направи нешто од контра или за инает, тоа не може да го постигне во уметноста, а посебно не може да се доближи кај здраворазумната публика што ја имаме ние на Златна бубамара, така што ако некој сака виц да направи, а да е контра виц, тоа е неуспешна мисија.

Во политичката пародија во која живееме, колку е тешко да се направи шега со оглед на тоа дека живееме како во епизода на Монти Пајтон?

Подолго време живееме во Монти Пајтон епизода која е измешана со реалити шоу од најлош вид и тоа реалити шоу на некој начин е измешано и со дел од турските серии, со таа синхронизација на турските серии и со тој лош ефект што го имаме сите дома, бидејќи ако поголем дел од населението ги гледа тие турски серии и реални шоуа, а не се медиумски образовани, тие не разбираат колкав ефект прави тоа кај широката народна маса и кај најмладите, бидејќи тие гледаат на пример политичар кој не признава ништо, од друга страна гледаат политичар кој не знае ни како, а од трета страна гледа турска серија каде што нема семејна среќа, веселба и добри штосови, туку некоја сценариски промашена епизода каде тие се караат. Реалните шоуа ги покриваат сите работи што се во спортот, музиката, естрадата, политичкиот и општествениот живот и тоа е многу трагично, бидејќи на нас петти член во семејството секогаш ни бил телевизорот. Треба да има многу цврсти образовани програми и многу цврста идеја каде точно треба да се насочи народот, не смееме да го лажеме ние дека загадениот воздух не е од никого и од ништо, ако е од нас треба сами конкретно да преземеме мерки и ако треба за таа акција ќе се снимаат серија епизоди и филмови за тоа како ние сме успеале во тоа. Тоа мајсторите на телевизиската естетика и ПР-от многу добро би го правеле. Кога дел од овие ПР експерти што ги има владата или опозицијата и од сите нивни наелектризирани партиски членови што одат од врата на врата и носат лажни летоци дека ќе ни направат подобра иднина би се ангажирале во некоја акција, на пример за чистење на противпожари скали, за чист воздух или да се направи хумана мисија за оние што се без дом, нивната енергија што е сега лошо сконцентрирана од партиските лидери, бидејќи тие се најмоќните, и од медиумите би била многу подобра за нашето општество. Значи ние може да зборуваме, да протестираме, но веќе следниот ден треба инспекциите, тие што се најпаметни, па дури и МАНУ да ги видиме како изгледаат со некое мислење да кажат нешто. Во конкретниов случај нашата грешка е што тие што се платени да ни го чуваат воздухот, екологијата, тие се платени од нас како даночни обврзници или како идни жиранти што треба да ги плаќаме кредитите на власта, но за жал тие не работат тоа да се подобри и тука е нашата трагедија како општество.

Како може да се изведе ресетирање на општеството?

Не смее да има политички партии што се викаат ВМРО, СДСМ и сите други имиња што досега функционирале, значи не може да викаме ние дека сме стари вмровци или стари комуњари, стари сдсмовци, тоа нема врска, зашто секој погрешен чекор на владата на Бранко Црвенковски секогаш ќе доаѓа во контекст па кој било политичар да дојде на биде претседател на СДСМ, ако сака нека дојде и Бил Гејтс да биде претседател. Исто и ова што сега се случуваше со партијата ВМРО-ДПМНЕ после десет години, некој тоа ќе им го кажува, затоа треба народот да се ресетира, да каже – дечки беше што беше. Можеби јас сега зборувам за нешто што не е остварливо, но може и да се исполни. Треба да се идеолози за некоја подобра иднина, бидејќи таа иднина што не очекува со ова што ни се случува воопшто не е светла. Зборувам за квалитетот на здравјето на луѓето, бидејќи тие се многу замрзени и не свесни што им се случува наоколу, па наместо да навиваат за Вардар, Ѕвезда, за Партизан, да навиваат за своите деца посреќно да живеат и за тоа каква перспектива ќе имаат во државата, тие уште разговараат за некои или бранат погрешни политики на една или на друга политичка партија, тоа е недозволиво за едно здраво општество.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG