Достапни линкови

Изборите може да се одложат, но не и оставката на Груевски


Џабир Дерала.
Џабир Дерала.

Нема услови за слободни избори оти партиите на власт направија буквално сè што беше во нивната моќ, а имаат огромна моќ, да не речеме неограничена, да го извитоперат духот на Договорот од Пржино. Во сите чекори, во сите ставки се правеше спин, се правеше блокада, се одложуваше, вели Џабир Дерала од невладината организација Цивил во разговор за Радио Слободна Европа.

Може ли да очекуваме регуларни избори?

Регуларни или како што ние во Цивил сакаме да го викаме – слободни избори, да се обезбедат во овие услови, во овој момент, за ова преостанато време – нема. Нема услови поради тоа што партиите на власт направија буквално сè што беше во нивната моќ, а имаат огромна моќ, да не речеме неограничена, да го извитоперат духот на Договорот од Пржино. Во сите чекори, во сите ставки се правеше спин, се правеше блокада, се одложуваше. На терен забележуваме фантастична развиена активност на сè што може да биде подразбрано под јавен ресурс и сите функции во државата, извршната власт, се ставаат во партиски контекст, односно се работи во полза на партијата. Кампањата е почната и многу жестоко тече. Во ниеден момент не забележуваме една фер политичка позиција во која се обидува некој да претстави некоја вредност во јавноста дека тоа би било вредноста за која тие би се залагале или би ја промовирале доколку дојдат на власт, нема една таква атмосфера, има непријателска атмосфера, крајно валкана и која, со оглед на ресурсите на располагање, темпото го диктира владејачката структура или поточно најголемата владејачка партија.

Кои се трите основни работи кои треба да се направат за да се обезбедат регуларни избори?

Едвај дојдовме до ситуација да речеме дека востановивме Државна изборна комисија. Назначувањето на деветте члена на ДИК е само еден прв, многу мал чекор. Пред Државната изборна комисија стојат уште едно чудо задачи кои треба да се направат по итна постапка, ќе споменам неколку. ДИК треба да работи и на подобрување на својата структура во однос на општинските изборни комисии, во однос на правниот департман, ИТ секторот, понатаму да работи на подобрување на својата политика и практика и во однос на создавањето на тие структури сè до избирачките одбори во гласачките места, значи кој може да биде, како може да биде, колку луѓе за да може да се обезбедат што е можно порегуларни избори. Понатаму, Државната изборна комисија мора час поскоро да го среди избирачкиот список. Избирачкиот список е еден од основните проблеми кои не влеваат доверба во изборниот процес кај гласачите. Ние сме сигурни дека постојат ресурси и сè уште има уште малку време да се упристои избирачкиот список, не мора да значи дека тој е совршен, никаде во светот не е совршен, меѓутоа тој може да се упристои до минимум потребните граници да можеме да имаме доверба во изборниот процес.

Во медиумската сфера не е веќе можно да се направат кој знае какви зафати, меѓутоа некоја минимална фер атмосфера би можело да се создаде, но не гледаме политичка волја во која тие ќе се согласат конечно Македонија барем да биде налик на демократска држава во поглед на медиумите. Тука имаме многу сериозен проблем и се разбира најголем проблем сметам дека е политичкиот притисок, дискриминацијата врз основа на политичка афилијација и секако злоупотребата на јавните ресурси. Нашите пари, нашите институции, нашата администрација работат сè уште со полна пареа за партиски цели, едноставно огромна армија луѓе се изманипулирани и ставени се во спрега која е крајно спротивна на сè што може да се подразбере под терминот демократија. Значи, заробената држава е сè уште заробена и малите проблесоци на надеж кои ги гледаме поради чекори кои се добрата страна на спроведувањето на Договорот од Пржино не верувам дека се доволни за да може да се обезбедат слободни избори.

Ќе имаме ли избори во април?

Сите гледаме дека полека се создава атмосфера за одлагање на изборите, меѓутоа ако се одложи терминот за изборите, тој никако не смее да ги одложи и другите мерки кои се инкорпорирани во Договорот од Пржино, од 2 јуни и 15 јули, со ова мислам и на оставката на премиерот Никола Груевски од неговата позиција. Тоа што нема да се пролонгира неговото владеење во дословна смисла на зборот, инаку во практична смисла на зборот знаеме дека тоа ќе се случува и понатаму поради заробеноста на институциите, може многу едноставно да се оправда со сите злоупотреби на кои им посведочивме во изминатите месеци, еве да ги тргнеме изминатите години, но овие месеци посведочивме на многу сериозни злоупотреби.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG