Достапни линкови

„Циклуси“ на Стојановски - окупација на Музеј на Град Скопје во 400 слики


Осум творечки циклуси, селектирани 400 слики, ќе бидат претставени на првата ретроспективна изложба „Циклуси“ на академскиот сликар Крунислав Стојановски, кој речиси 30 години живее и работи во Загреб. Постановката ќе биде отворена во петок, на 18 декември, во 20 часот, во Музеј на Град Скопје и со неа македонскиот уметник одбележува 20 години континуирана творечка работа.

Крунислав Стојановски, „македонско-хрватскиот уметник“ како што некои го ставаат во определената „фиока“ , од Загреб во Скопје овојпат пристигна со кованици во џебот и со изнајмено комби полно со слики. Повеќе од 400, од кои Соња Абаџиева, нашата ценета историчарка по уметност, и самиот автор го сторија одбирот со кој ќе биде отворена неговата ретроспективна изложба „Циклуси“. На постановката во родниот град тој се претставува со најголем број дела селектирани од неговата сликарска активност во изминативе две децении. Слики се поделени во осум цилкуси на кои авторот работи во континуитет и најголемиот дел од нив, како што забележува самиот, се со „експресивен карактер“.

Кога правиш ретроспектива во сликарството, ти всушност правиш рекапитулација на својот живот. Мене ми е интересен тој момент во кој што сум – средина на петтата деценија од животот.
Крунислав Стојановски, уметник.

„Кога правиш ретроспектива во сликарството, ти всушност правиш рекапитулација на својот живот. Мене ми е интересен тој момент во кој што сум – средина на петтата деценија од животот. Јас имам 46 години и често, покрај некои лични кризи кои што сум ги имал, депресии и слично, гледам дека целата генерација си прави некаква рекапитулација. Случајно се поклопи, ми се отвори можност и јас да направам една таква рекапитулација. Плус – драги пријатели, прекрасни родители во години кои немале можност убаво да го видат моето сликарство...и згора на тоа носталгија, да не заборавиме - константна носталгија, и едноставно сакав да ја искористам таа можност на сите тие драги луѓе да им го презентирам тоа што го работам. Се мислев дали да направам нешто што ќе ме претстави во сите медиуми во кои што работам, но на крајот сепак се одлучив да не правам таква мешаница. Затоа решив да одам чекор по чекор и еме ме со сликарството“, ќе рече Стојановски во пресрет на отворањето на изложбата во Музеј на Град Скопје, овој петок, на 18 декември, во 20 часот.

Уметникот појаснува дека целата идеја започнала од моментот кога нему му се укажала прилика да објави книга. Онаква каква што милува. Се одлучил за еден вид монографија каде што тој самиот ќе направи пресек и ќе види каде е и што е во сликарството, и што направил досега. Излегло дека за тоа има многу материјал, а книгата ( поем преведена на шест јазици) ја напишал академик Томко Моројевиќ, еден од најценетите историчари на уметноста во Хрватска.

Стојановски дополнува дека барајќи средства од Министерството за култура не нашле начин како тоа да биде вклучено во објавувањето на книгата ( која сега, патем, ќе биде спонзорирана од една голема печатница во Загреб), но излегло дека ќе може да се направи изложба со богат каталог кој сега ќе им биде делен на посетителите.

Осврнувајќи се на одбирот за „Циклуси“, на она што го носат „Лица“, „Кристали“, „Калевала“, „Енергии“, „Земја“, „Релјефи“, „Меандри“ и „Простори“, потем на сопствената исполнетост со професијата и можноста јасно да го каже својот став преку јазикот на уметноста, Круно со констатација дека „кога слика се уште се чувствува како дете“.

„Една моја пријателка кога ме виде како сликам, кога правев некој енформел, кога на една слика правејќи релјеф лепев песок и стакленца од искршена шофершајбна, ми рече дека сум бил како дете кое си игра во прашината. Во принцип кога сликам се чувствувам се уште како дете. И толку многу имам идеи што не знам кај ќе запрам. Оваа изложба е наречена „Циклуси“ затоа што опфаќа осум циклуса. Јас сите тие слики моам да ги поделам низ тие осум циклуса кои континуирано ги работам од Академија наваму, со исклучок на „Меандрите“ кои настанаа покасно. Мислам дека сум никаде. Чувствувам дека уште толку многу имам да направам.“

Роден 1969 година во Скопје, Крунислав Стојановски како и секој млад човек долго се барал себе. Клупите на средното училиште „Никола Карев“ за биотехничари најнапред ги заменил со Ветеринарниот факултет во Загреб, потем и со оние на Архитектонскиот факултет во Скопје, по што патот ќе го одведе на Ликовната академија во хрватската метропола, каде што во 1998 година дипломирал во класата на професорот Ѓуро Седер.

Здобивајќи се со стипендија на KulturKontaktAustria, добива можност да студира и дипломира Public Art во класата на Dr. Agnes Denes (САД) на SOMMERAKADEMIE, Салцбург, Австрија. Професионално работи и се усовршува во Cable Factory, Хелсинки, Финска, како лауреат на програмата UNESCO-ASHBERG Bursaries for Artist Program, Франција.

Член е Хрватското друштво на ликовни уметници и на Хрватската заедница на самостојни уметници, како и на Управниот одбор на Здружението на хрватските уметници и ликовни критичари. Повеќе години е член на Управниот одбор на Народното свеучилиште„Сесвете“ во Хрватска.

Покрај уметничкото создавање, се занимава и со организација на разни уметнички проекти од меѓународен карактер. При тоа, во некои проекти иницира, продуцира и организира во целост, во некои пак, селектира уметници и поставува изложби, додека пак во некои проекти соработува во нивната организација. Некои од неговите најзначајни проекти се: Sunny Moon (2001) и Денови на хрватската култура во Македонија (2002), кои ги иницира и целосно ги организира.

Со селекција на уметници соработувал и со Скопско лето (1996), фестивалот Лампарна, во Лабин, Хрватска (1997), а во Галеријата СЦ во Загреб, во 2003 година, ја иницирал меѓународната изложба „Идентитети и конфликти / ЕГО“ („Identities & Conflict/ EGO“.

Повеќе години бил соработник на „Загреб филм фестивал“ и Фестивалот на светскиот театар во Загреб. Згора на тоа има работено специјални сценографски задачи за филмовите „Некои други приказни“на Ивона Јука и „Голциус и дружината пеликан“ на Питер Гринавеј, за некои ТВ реклами и телизиски серии и друго.

Добитник е на наградите на UNICEF и на RedBull (2ОО3), како и на десетина позначајни стипендии. Се занимава со сликање, цртање, изработка на амбиентални инсталации, фотографија, видео, пишување и едукација.

Темите што преовладуваат во неговото уметничко творештво се оние што имаат социјална, хуманистичка, еколошка и политичка конотација, со посебен акцент на поединецот и на неговата улога, на можностите и на значењето во глобалното општество.

Своето творештво го има претставувано на повеќе од 40 самостојни изложби во Хрватска, Австрија, Финска, Германија, Холандија, Италија и родната Македонија, и на преку 50 групни постановки во светот.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG