Достапни линкови

Другарството не познава граници, политичарите одговорни за поделбите


Веќе подолг период постои соработка меѓу наставниците и учениците од Основните училишта „Кочо Рацин“ и „Наим Фрашери“ во Куманово.

Поделбите помеѓу луѓето од различни етнички заедници ги создаваат политичарите, тие треба да ги остават луѓето и децата да живеат и меѓусебно да се почитуваат. Крајно време е да се свестат и оваа состојба да се смени во интерес на сите граѓани, забележуваат наставниците од Основните училишта „Кочо Рацин“ на македонски и од „Наим Фрашери“ на албански наставен јазик во Куманово. И едните и другите веќе подолг период соработуваат, иако сè уште постои јазична бариера помеѓу децата, така што понекогаш се принудени за подобро разбирање да уфрлат по некој збор на англиски.

Имаме повеќе активности, особено кога и тие и ние имаме некои празници. На пример, кога тие го слават Бајрам, ние сме нивни гости, одиме во нивното училиште и учествуваме во нивните програми. Исто така и дел од нивните ученици и наставници доаѓаат кај нас. Соработката е коректна и прифатена и од децата и од наставниците, немаме никакви проблеми.
Ирена Анастасовска, наставник во ОУ „Кочо Рацин“ во Куманово.

Додека ОУ „Кочо Рацин“ е на локација во чиста етничка средина, ОУ „Наим Фрашери“ е во ист двор со ОУ „Вук Караџиќ“, во мултиетничка средина. Соработката помеѓу двете училишта никогаш не престанала, а ситни инциденти помеѓу учениците од пред деценија ипол веќе се минато.

Ирена Анастасовска, наставник во ОУ „Кочо Рацин“, вели дека тие со нивните основци одат во посета на основците во „Наим Фрашери“ и соработуваат преку проекти.

„Имаме повеќе активности, особено кога и тие и ние имаме некои празници. На пример, кога тие го слават Бајрам, ние сме нивни гости, одиме во нивното училиште и учествуваме во нивните програми. Исто така и дел од нивните ученици и наставници доаѓаат кај нас. Соработката е коректна и прифатена и од децата и од наставниците, немаме никакви проблеми“, вели таа.

Бесник Авдини, наставник во ОУ „Наим Фрашери“, додава дека децата најдобро се разбираат преку музиката и уметноста. На децата од албанската етничка заедница многу македонски народни ора им се познати, така што соработката во таа смисла е без пречки. Тој е три децении во ова училиште и вели дека соработуваат со сите училишта во градот.

„Соработуваме и со ОУ „Вук Караџиќ“ и со другите училишта. Имаме настава и во иста смена и никогаш немаме проблем“, вели тој.

Авдини е оптимист дека младите генерации ќе се навикнат на заеднички живот.

„Ние, не само што треба, туку мораме да живееме заедно и да се навикнеме на демократски начин на живеење. И треба да ги учиме и децата дека треба да живееме и да не создаваме некаква омраза меѓу себе. Мислам дека политичарите се тие што ја создаваат оваа лоша состојба“, вели Авдини.

Во многу прилики кумановци без оглед на етничка или друга припадност, велат дека сите граѓани имаат исти проблеми и дека не треба да се поставуваат никакви граници, особено децата треба да се воспитуваат во таков дух. Сепак, за да дојде до некој инцидент доволна е мала искра на провокација за да се распламти огинот на омразата. За среќа, барем досега бргу се надминуваат тие проблеми. Значајно е што од сите етникуми барем декларативно се залагаат децата да се научат на меѓуетничка почит и толеранција.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG