Достапни линкови

Министерските сопки го рушат „Пржино“


Министрите да работат за граѓаните, а не за партиските интереси, без разлика од која партија се. Опструирањата во министерства каде се постави кадар од СДСМ покажува дека договорот од Пржино не е постигнат поради добра волја. Притисоците во министерствата ќе продолжат, прогнозираат аналитичарите.

По очигледните примери на неусогласеност во работата во министерствата во кои дојдоа министри од опозицијата, не стивнуваат реакциите на критика од дел од експертите кои силно се обидуваат да испратат јасна порака дека основна работа на министерствата треба да биде спроведување на интересот на граѓаните, а не партиските интереси. Во својата анализа професор Темелко Ристевски нагласува дека има неусогласеност во работата како последица на опструирања, а тие опструирања тој и ги препишува на владеачката партија.

Намерно се создава таква состојба во министерствата и во институциите, со цел да се прикаже дека министрите од опозицијата не си ја знаат работата и да се создадат услови за пролонгирање на она што е договорено со Пржино.
Темелко Ристевски, универзитетски професор.

„Намерно се создава таква состојба во министерствата и во институциите, со цел да се прикаже дека министрите од опозицијата не си ја знаат работата и да се создадат услови за пролонгирање на она што е договорено со Пржино. Не е добро, треба да се гледаат интересите на граѓаните, ирелевантно е дали министерот е од опозиција или од власт“, вели Ристевски.

Во Законот за влада се наведува дека дополнителниот заменик на министерот, заедно и рамноправно со министерот ги разгледува и ги потпишува сите акти и документи кои ги донесува министерот, а се однесуваат на правните, финансиските и кадровските прашања поврзани со организацијата на изборите. Ако има спор меѓу заменикот и министерот надлежна да одлучи е ДИК.

За професор Никола Дујовски ова однесување на партиите покажува дека договорот од Пржино не е постигнат поради добра волја, туку поради внатрешни и надворешни притисоци. Тој смета дека проблемите во функционирањето ќе продолжат и понатаму. Според него Законот за Влада им дава целосен капацитет на министрите.

„Многу погрешно е ако се сфати дека министрите ќе имаат обврска само да го подготват просторот за фер избори. Напротив тие ќе се соочуваат со многу силни предизвици. Бегалската криза, терористички напади насекаде во Европа. Тоа не може ние да го правиме министерот да биде само за дел од изборите, а за нешто друго да одговара некој друг“, вели Дујовски.

Како и да е, во изминатите неколку денови јавноста беше сведок дека заменикот Митко Чавков наместо новиот министер за внатрешни Оливер Спасовски беше на Конференцијата за бегалци во Словенија. Неусогласеност има и во работата на Анкетната комисија за прислушувањето, затоа што ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ имаат различни толкувања на недлежностите на ова тело. Во министерството за труд и социјална политика, пак, заменикот Диме Спасов ги повика вработените да не постапуваат по известувањето на новата министерка Фросина Ременски и и го укина нејзиното решени со кое таа постави нов член во министерството.

Според дел од експертите овие случувања не водат кон тоа дека во иднина ќе може да се седне на заедничка маса и да се договараат активности кои се во полза на Македонија.

„Сега е многу важно новите министри од СДСМ да се справат со притисоците кои што одвнатре ќе ги чувствуваат во министерствата и не само тука, туку и во Собранието и понатаму во разговорите кои продолжуваат за медиумите, што покажува дека ние сме длабоко поделено општество во однос на политичките линии“, нагласува професор Дујовски.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG