Достапни линкови

Контролите зајакнати, но нема ограда за мигрантите


Француските власти побарале од македонското МВР проверка во базата на податоци што би им помогнало во истрагата за откривање на организаторите и помагачите на нападите во Париз.

Војската сè уште не започнала со поставување на ограда на нелегалните премини на македонско-грчката границата, такви активности ќе се преземат кога Советот за безбедност ќе одлучи да се спроведе оваа најавена крајна мерка. Од Армијата велат дека војниците засега и помагаат на граничната полиција во основните задачи, меѓу кои и спречување на нелегалните преминувања со цел канализирање на мигрантскиот пат кон прифатниот центар.

Ќе мора да ги засилиме мерките за контрола и на некој начин физички да овозможиме на контролни пунктови да се влегува во Македонија, и мислам дека ризикот кој треба да го одбегнеме е постепено затворање односно постепено намалување на влезовите во државите од север на Европа, а континуиран прилив од страна на Грција во Македонија, тоа е ризик кој е реален.
Никола Попоски, министер за надворешни работи.

Министерот за надворешни работи Никола Попоски неодамна во интервјуто за Радио Слободна Европа изјави дека од Македонија се очекува да го зголеми напорот во регистрација на сите мигранти кои влегуваат во земјава, затоа што тие подоцна завршуваат во некоја од западноевропските земји.

„Од тој аспект ќе мора да ги засилиме мерките за контрола и на некој начин физички да овозможиме на контролни пунктови да се влегува во Македонија, и мислам дека ризикот кој треба да го одбегнеме е постепено затворање односно постепено намалување на влезовите во државите од север на Европа, а континуиран прилив од страна на Грција во Македонија, тоа е ризик кој е реален“, вели Попоски.

По терористичките напади во Париз, француските власти побарале од македонското Министерство за внатрешни работи проверка во базата на податоци што би им помогнало во истрагата за откривање на организаторите и помагачите на нападите. Од МВР велат дека биле зајакнати и контролите над мигрантите што влегуваат во земјава, особено во транзитниот центар во Гевгелија.

Благоја Марковски од Балканскиот форум за безбедност вели дека засега безбедносната ситуација во Македонија е стабилна, но чувствителна и неопходно е безбедносните служби за разузнавање да ја зајакнат соработката со регионалните служби.

„Покрај тоа што треба да треба да соработуваме на регионално ниво треба да се поврзуваме и со структурите кои постојат во кризните жаришта, затоа што таму е основното каде што може да добијат податоци кои учествуваат во овие борбени или терористички активности на територија на Западна Азија и Северна Африка и оттука може да исцрпиме поквалитетни податоци за секој поединец кој влегува во Македонија“, вели тој.

Во меѓувреме на косовско-македонската граница, косовските служби во соработка со турските уапси тројца осомничени за терористички активности.

По информациите за сирискиот пасош пронајден во близина на телото на еден терористите, во српскиот прифатен центар Прешево е уапсен бегалец со идентични податоци во пасошот. Ваквите информации ги подгреваат теориите дека на бегалскиот бран јаваат терористи кои сакаат да и наштетат на Европа. Невладините хуманитарни организации и француската амбасада апелираа неколку пати во јавноста да не се ставаат во ист кош мигрантите и терористите, затоа што тероризмот нема нација, ниту религија и затоа што бегалците и мигрантите бегаат токму од таквите ситуации во нивните земји.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG