Достапни линкови

Брисел ќе го чека договорот од Пржино?


Архивска фотографија
Архивска фотографија

ЕУ многу вложи во договорот од Пржино и тешко дека Европа ќе крене раце од Македонија, но земјава ќе биде под засилен меѓународен мониторинг, велат аналитичарите.

Во пресрет на најновиот Извештај за напредокот на земјава, земајќи ги предвид актуелните политички случувања, дел од експертите одат со предупредувачки прогнози. Тие се загрижени дека земјава, не само што може да ја загуби препораката за кандидатскиот статус земја-членка на ЕУ доколку продолжи со одложувањето на реализацијата на договорот од Пржино, туку дека ќе заостанува на европскиот пат во иднина.

Значи губење на подолг рок на шансите и за преговори и за европска иднина. Може да значи во крајна смисла и губење на европската иднина. Но, во секој случај, ќе значи продлабочување на политичката криза и радикализација на политичката конфронтација, но и притисокот на граѓаните нема да изостане.
Бојан Маричиќ, Македонскиот центар за европско образование.

Бојан Маричиќ од Македонскиот центар за европско образование е категоричен дека во пресрет на најновиот извештај, клучниот проблем е политичката криза. Договорот од Пржино во моментов е најбитна одредница во нашата европска интеграција. Доколку не успее тој план, тоа ќе значи за Македонија и губење на препораката, но и повеќе од тоа, вели Маричиќ.

„Значи губење на подолг рок на шансите и за преговори и за европска иднина. Може да значи во крајна смисла и губење на европската иднина. Но, во секој случај, ќе значи продлабочување на политичката криза и радикализација на политичката конфронтација, но и притисокот на граѓаните нема да изостане“, вели тој.

И претседателот на Евроатланскиот совет Исмет Рамадани посочи дека доколку договорот од Пржино не биде имплементиран, Македонија ќе биде во голема криза.

„Тогаш ќе бидат многу помали и шансите да се извлечеме од оваа политичка криза, бидејќи нашите меѓународни партнери ќе бидат многу разочарани и ќе заклучат дека ние немаме капацитет за евроатлантска интеграција“, вели Рамадани.

Експертите посочуваат дека тимовите кои ги пишуваат европските извештаи целосно ја мониторираат државата и дополнува дека одложувањето на годинашниот извештај за напредокот на земјата е поради политичката криза, за да и се даде можност и шанса да ги надминеме политичките блокади со кои се соочува земјава. Тие сметаат дека Брисел ќе продолжи внимателно да ја следи состојбата и дека ЕУ засега нема да дозволи Македонија да го заобиколи нејзиниот евроатлантски пат.

ЕУ многу вложи во договорот од Пржино и според тоа не очекувам дека Европа ќе крене раце од Македонија, вели Маричиќ.

„Затоа пореална е варијантата дека дури и до објавувањето на извештајот да не биде откочен процесот на Пржино, да има некој вид на условена препорака која ќе зависи од спроведувањето на Пржино и која ќе се следи на месечно ниво“, вели Маричиќ.

Тој смета дека Пржино ќе биде рамка за враќање на државата во нормала и за спроведување избори.

„Бидејќи сите рокови се пробиени, логично ќе биде и рокот за изборите да биде пробиен. А не верувам дека меѓународната заедница ќе дозволи да има избори кои нема да бидат фер и демократски, бидејќи тоа ќе значи уште еден нов циклус на криза и нестабилност“, вели тој.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG