Достапни линкови

Дуинг има, бизнис нема


Архивска фотографија.
Архивска фотографија.

Според Дуинг бизнис, Македонија е втора најлесна земја за отворање форма, седма според висината на даноци и 10 според брзината на вадење градежни дозволи. Од друга страна, земјава е на дното во регионот според привлекување странски инвестиции, економијата во просек расте по помалку од 3 отсто годишно, индустриското производство цела деценија стагнира, а реалната плата денеска вреди помалку од пред пет години.

Македонија напредува на листата Дуинг бизнис на Светската банка, а бизнисот никако да тргне. Според леснотијата за водење бизнис Македонија е на 12 место во светот, подобро рангирана од сите балкански и од повеќето од европските земји, меѓу кои и од Германија. Сепак, податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека индустриското производство стагнира цела деценија.

Ние како влада веруваме во реформите кои ги спроведуваме во Македонија, кај кои ги применуваме светските најдобри практики, кои ги анализираме и прилагодуваме на наши услови. Високиот ранг е само резултат на сработеното.
Никола Груевски, премиер.

По објавувањето на извештајот, премиерот Никола Груевски одржа прес-конференција за да се пофали со високото 12. Македонија значително ги намали царинските стапки, воведе едношалтерски систем за увозно-извозни дозволи, има 24-часовно царинење на граничните премини, фирма се отвора за само два часа, има ниски даноци, електронско и брзо издавање градежни дозволи, како и други олеснувања за водење бизнис, рече Груевски.

„Ние како влада веруваме во реформите кои ги спроведуваме во Македонија, кај кои ги применуваме светските најдобри практики, кои ги анализираме и прилагодуваме на наши услови. Високиот ранг е само резултат на сработеното“, рече Груевски.

Извештајот, според премиерот, е добар сигнал за инвеститорите кои го сметаат за релевантен при носење одлуки за инвестиции.

Опозицискиот СДСМ, пак, со соопштение реагира дека владата им ја отежнува работата на фирмите. Партијата реагира на воведувањето GPRS фискални каси за кои сопствениците ќе мора да платат нова давачка од 60 евра за воспоставување GPRS врска.

„Фрапантни се податоците на Народна банка дека секоја трета фирма во Македонија е со блокирана сметка. Во 2014 година, над 21 илјади фирми во Македонија имале блокирани сметки, што е 32 отсто од вкупниот број на фирми во земјава. Дополнително, за само неколку години, најмалку 10 илјади фирми во Република Македонија се затворени. За оние фирми што некако работат Груевски воведува нов арач од 60 евра! Ова е уште еден факт: поради бизнис интересите на фамилијата и промашените економски политики на Никола Груевски условите за водење бизнис во Македонија се Undoing business!“, стои во соопштението на СДСМ.

Во 2014 година, над 21 илјади фирми во Македонија имале блокирани сметки, што е 32 отсто од вкупниот број на фирми во земјава. Дополнително, за само неколку години, најмалку 10 илјади фирми во Република Македонија се затворени.
СДСМ.

Но, настрана политичките препукувања. Прашање е зошто ваквото високо рангирање на листата Дуинг бизнис не дава резултати.

Според Дуинг бизнис, Македонија е втора најлесна земја за отворање фирма, седма според висината на даноци и 10 според брзината на вадење градежни дозволи. Од друга страна, земјава е на дното во регионот според привлекување странски инвестиции, економијата во просек расте по помалку од 3 отсто годишно, индустриското производство цела деценија стагнира, а реалната плата денеска вреди помалку од пред пет години.

Експертите со кои разговаравме велат дека се мери дали има закон, но не се проверува колку тој се спроведува. Листата исто така не дава анализи за политичката и безбедносна стабилност, влијанието на политиката врз економијата, корупцијата, големината на пазарот, финансиската стабилност, но и знаењата за водење бизнис. Затоа Белорусија на листата стои подобро од Италија, Руанда и Украина подобро од Албанија или Македонија е повисоко пласирана од Германија, Франција и Холандија.

Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини потсетува дека Македонија шест години по ред добива позитивен извештај и препорака за почеток на преговорите со ЕУ. Македонија секогаш ги носи потребните закони, а никој не проверува колку тие се спроведуваат и еве на тој начин до кај стигнавме, вели тој.

„Исто важи и за Дуинг бизнис, тие оценуваат дека овде на пример многу лесно и брзо се регистрира фирма. Централниот регистер еднаш го фалеше и во Индија Никола Груевски, меѓутоа не е целта да се донесат закони и да се создаде клима, треба одговор на прашањето да даде оваа влада, Никола Груевски и Ставрески – зошто Македонија и покрај таквите оценки на климата овде е на последно место со странски директни инвестиции, помалку и од Косово и од Албанија и од Црна Гора и од сите. Целта е, доколку е тоа така, тоа треба да се одрази во приливот на странски инвестиции, друга цел нема“, вели Хајредини.

Дали има закон за ова? Има. Дали има правилник за ова? Има. Дали има ова, дали има она? Сето тоа постои кај нас. А прашањето во бизнисот не е само дали постојат правилата, туку дали тие постоечки правила вистински се имплементираат.
Мирољуб Шукаров, унвиерзитетски професор.

Со сличен став и професор Мирољуб Шукаров. Тој вели дека методологијата за правењето на листата Дуинг бизнис се занимава со постоењето прописи, но не и со нивното спроведување.

„Дали има закон за ова? Има. Дали има правилник за ова? Има. Дали има ова, дали има она? Сето тоа постои кај нас. А прашањето во бизнисот не е само дали постојат правилата, туку дали тие постоечки правила вистински се имплементираат. Дали правилото коешто постои може секој економски агент на некој начин да го искористи на начин на којшто нему најмногу му одговара. Е тоа е друго прашање. Значи не се гледа како се имплементира, туку се гледа дали постојат системските аспекти, а едно со друго е сосема различно. Во овај наш случај ние имаме проблем со имплементацијата, кај нас законите се гледаат како ние мора да ги донесеме и еве ги има, затоа што нè притискаат, има комплекси закони кои треба да ги донесеме кои се со европско знаменце, тоа се го правиме, но прашањето дали тоа го исполнуваме е друго“, вели Шукаров.

Шукаров нагласува дека Македонија сè уште е во фаза на традиционална, а не во институционална економија.

„Традиционалната економија е економија во која главни клиенти или поддржувачи на бизнисот се пријатели, врски, семејни врски, партиски врски, религиозни врски итн., а не еден комплекс на пазарно однесување, каде што правилата на игра се индивидуални и сите следат правила на игра коишто се дефинирани согласно законите“, вели Шукаров.

Индикаторот на Светската банка не вреди пет пари, затоа што индикаторот не ги мери вистинските услови за бизнис.
Петар Гошев, поранешен гувернер на НБРМ.

Поранешниот гувернер на Народната банка, Петар Гошев, е уште подиректен. Дуинг бизнис е формален, а не суштински индикатор, вели тој.

„Индикаторот на Светската банка не вреди пет пари, затоа што индикаторот не ги мери вистинските услови за бизнис во едно општество, во една држава, затоа што прибира формални критериуми, некои од потребните критериуми коишто се само запишани на хартија, а не проверува како функционираат тие во едно општество, затоа што тој индикатор не ја мери корупцијата, очигледно не ги познава привилегиите, партиските селекции во доделувањето на тендерите, не ја познава состојбата во врска со финансиската репресија која што од политички причини ја врши власта. Понатаму не го мери каприциозното затворање на некои фирми, само затоа што не и се наклонети на власта, не ја мери концентрацијата на доходот во мала група на луѓе, што како краен ефект има отсуство на дисперзија на економска и политичка моќ, отсуство на дисперзирана потрошувачка во едно општество, не ги мери политичките ризици, безбедносните ризици во едно општество, конфликтите во едно општество“, објаснува Гошев.

Поранешниот заменик министер за економија Зоран Витанов, пак, вели дека листата Дуинг бизнис е точна.

„Во суштина треба да му се верува на Дуинг бизнис, Дуинг бизнис ја кажува вистината, меѓутоа ја кажува од аспект на инвеститорите. Самиот Белгиец со фабриката за автобуси е потврда дека Дуинг бизнис е во право. Атрактивно е да се влегува во Македонија, да се инвестира на таков начин, затоа што сите пари ние од народот преку буџетот им ги даваме на нив и тие си ги земаат бенефициите, а тие тука доаѓаат класично за експлоатација на работна рака. Која било макроекономска мерка во државата ако како краен ефект не се постигне зголемување на стандардот на обичните граѓани, таа економска мерка е неуспешна. Зошто? Затоа што владата постои заради граѓаните, а не заради Белгиецот кој произведува автобуси во Македонија. Ако граѓаните немаат бенефит од тоа, ни Белгиецот ни треба, ниту владата како таква ни треба, затоа што ние плаќаме во буџетот и го полниме за од заедничката каса заедничкото добро да ни се подобри, а тие луѓе прават бизнис од Македонија и народски да се изразам ја бричат Македонија на суво“, вели тој.

Тие луѓе прават бизнис од Македонија и народски да се изразам ја бричат Македонија на суво.
Зоран Витанов, економски аналитичар.

Во таков случај, Македонија би требало да биде инвестициски Елдорадо, односно да „не може да се одбрани од странски инвеститори“, но тоа не се случува.

Владините претставници и раководството на Џонсон контролс деновиве најавија нова инвестиција од оваа компанија во Струмица во која во наредните три години треба да се вработат три илјади луѓе. Неколку дена подоцна владините претставници и раководството на германската компанија Костал потпишаа договор за инвестирање во Технолошко-индистриската развојна зона Охрид-Струга. Фабриката на „Костал“ ќе произведува електронски компоненти за автомобилската индустрија. Паралелно ќе работи во две фабрики и во објектот во поранешен ЕМО, како и во новата фабрика која ќе се изгради во индустриската зона. Најавено е дека Германците ќе инвестираат 50 милиони евра и ќе вработат 1.000 луѓе, меѓу кои и поранешни вработени од ЕМО кои ќе почнат со обука, а производството се очекува да почне на почетокот на 2016 година.

Податоците на Народната банка на Македонија, пак, покажуваат дека во првата половина од годинава во земјава влегле 121 милиони евра странски инвестиции, што е многу помалку отколку во земјите од регионот. Земја од која има најмногу инвестиции во Македонија, односно 35 милиони евра за половина година, е карипската островска држава Свети Винцент и Гренадини, која важи како држава во која лесно се кријат вистинските сопственици на парите. И покрај тоа што владата многу инвестира во привлекувањето странски инвестиции, податоците на Светската банка покажуваат дека земјава стои послабо на тоа поле од речиси сите земји во регионот.

Витанов вели дека не можеме да очекуваме повеќе инвестиции зашто тие што дошле не доаѓаат во земјава од бизнис причини.

„Тие луѓе доаѓаат на вештачки, на октроиран, а не на начин којшто има економска и пазарна логика, тие луѓе доаѓаат на лични контакти и на лични ветувања. Во Македонија нема амбиент, амбиентот се создава на неколку столбови, прво имаме прескап денар и не сме атрактивни за извоз во производство во Македонија, второ не да немаме правна држава, туку воопшто немаме судство, ниту еден претприемач не верува на македонското судство, трета работа и институциите се во најблага рака кажано партизирани, значи ние немаме државни институции кои се во служба на народот, автоматски со тоа немаме администрација која би го помогнала тој бизнис и нормално дека ќе немаме странски инвестиции“, вели Витанов.

Медиумите деновиве објавија дека има раст на индустриското производство од скоро 9 отсто во септември годинава во споредба со истиот месец минатата година. Сепак, податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека индустриското производство стагнира цела деценија. Имено, растот на индустриското производство во првите девет месеци од годинава во споредба со 2005 година е само 4,7 отсто. Во исто време има и намалување на платите. Податоците на државната статистика покажуваат дека реалната плата во првите осум месеци од годинава е за 1,3 отсто помала отколку во истиот период во 2009 година.

Гошев вели дека заживување на економијата може да се очекува само со претходно стабилизирање на политичката сцена.

„Политичката криза, нестабилноста на политичкиот систем, отсуството на функционална демократија, а кај нас има и отсуство на функционална пазарна економија, заради претходните работи коишто ги говорев, значи сето тоа заедно не може да даде општествен производ со доволен раст и до доволна дисперзија за да може да подолг рок да го покрене растот на една економија“, вели Гошев.

Домашните економисти велат дека меѓународните листи на кои Македонија одлично котира се добри за маркетинг на владата, но ако земјава сака вистински развој на бизнисот и реален раст на економијата што ќе се почувствува во животниот стандард на граѓаните треба пред сè да работи на политичката стабилност и на владеењето на правото. Зашто во крајна линија дали фирма може да се отвори за еден или за 10 дена е небитно, ако таа е жртва на селективни инспекции поради политички причини.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG