Достапни линкови

Пари од ЕУ за мигрантите во Македонија сè уште нема


Европската унија пред околу две недели најави дека е подготвена да им даде 17 милиони евра на Македонија и на Србија како помош за справување со мигрантската криза. Сепак, хуманитарните организации на терен велат дека донациите за бегалците се од домашни бизнисмени.

Илјадници мигранти од Блискиот Исток, Африка и од Централна Азија секојдневно ја поминуваат Македонија на нивниот пат кон некоја од Западноевропските земји, најчесто Германија. На железничката станица во Табановце секој дeн пристигнуваат по неколку возови со мигранти. По кусиот престој во прифатниот камп, тие пеш го продолжуваат патот нелегално преминувајќи ја границата со Србија.

Талибанците го напаѓаат мојот дом, моите родители загинаа во војната, затоа одам за Германија.
мигрант од Авганистан.

Активисти од неколку невладини организации им нудат храна, вода, ќебиња, облека и неопходна медицинска помош. Кампот го подигна УНХЦР, на терен се екипи на Црвениот крст на Македонија и неколку невладини и хуманитарни организации.

По добивањето храна и вода, мигрантите го продолжуваат својот пат кон Србија. Велат дека при патувањето низ Македонија немале проблеми.

Ние од ЕУ не сме добиле ништо, ова сè е донација од нашиве фирми.
Кујтим Исмаили, хуманитарна организација Мерхамет.

„Немавме проблем, лесно поминавме. Луѓето од оваа земја добро се однесуваат со патниците од Авганистан и од другите земји.“

„Одам во Германија, затоа што во мојата земја има војна. Талибанците го напаѓаат мојот дом, мојата провинција. Има војна во провинцијата Кундуз, во провинцијата Баглан, има многу напади. Јас сум од провинцијата Баглан, талибанците го напаѓаат мојот дом, моите родители загинаа во војната, затоа одам за Германија“, велат мигранти од Авганистан со кои разговаравме во Табановце.

Европската унија пред околу две недели најави дека е подготвена да им даде 17 милиони евра на Македонија и на Србија како помош за справување со мигрантската криза. Сепак, хуманитарните организации на терен велат дека донациите за бегалците се од домашни бизнисмени.

Во последно време нашата организација се договара во иднина да има соработка со ЕУ да ни ги финансираат проектите за бегалците. Досега не сме имале некоја помош.
Дритон Малиќи, невладина организација Легис.

Кујтим Исмаили од хуманитарната организација Мерхамет, која им делеше топла супа на мигрантите, вели дека една порција ги чини 37 денари, а делат по 500 порции дневно.

„Ние од ЕУ не сме добиле ништо, ова сè е донација од нашиве фирми, нешто друго не. Доаѓа зима, ќе требаат топли алишта и кабаници“, вели тој.

Дритон Малиќи од невладината организација Легис вели дека се надева дека ЕУ ќе помогне и со храна и со ќебиња кога ќе залади времето.

„Во последно време нашата организација се договара во иднина да има соработка со ЕУ да ни ги финансираат проектите за бегалците. Досега не сме имале некоја помош, особено за тука зборувам, за Табановце, сè досега било од приватни донатори и од нашите невладини организации“, вели Малиќи.

Сега засега државните институции не добиле никаква финансиска помош, помош добиле само невладините и хуманитарни организации.
Сузана Салиу, директорка на Центарот за управување со кризи.

Директорката на Центарот за управување со кризи Сузана Салиу, која е и на чело на Кризниот штаб за справување со мигрантската криза, вели дека не може точно да каже колку пари се трошат дневно за бегалците, но вели дека се работи за големи суми.

„Вонредните трошоци се најголеми во здравствениот систем, полицијата и АРМ, која сега, за време на кризната состојба, е во поддршка на полицијата. Сега засега државните институции не добиле никаква финансиска помош, помош добиле само невладините и хуманитарни организации“, вели Салиу.

Според податоците на МВР, во Македонија дневно се регистрираат по околу 2.500 мигранти. Во изминативе четири месеци низ земјава поминале околу 120 илјади мигранти, но азил во земјава побарале само 50 луѓе.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG