Достапни линкови

Нема договор за изборната регулатива, нов обид денеска


Шесте страници предлог-закон на Талат Џафери и Крсто Мукоски за необјавувањето на т.н. бомби ги одложија договорањата за изборното законодавство.

До пет часот утрината траела средбата на работната група за изборните измени, брифираат извори од опозицијата, но немало никаков резултат, па преговорите продолжуваат денеска попладне. И покрај ветувањето дадено пред главниот ментор на договорите од Пржино, еврокомесарот Јоханес Хан, дека до шести ќе се договорат за изборното законодавство, шесте страници предлог-закон на Талат Џафери и Крсто Мукоски за необјавувањето на т.н. бомби ги одложија договорањата за најспорните прашања, меѓу кои прочистувањето на избирачкиот список, гласањето на дијаспората, одлучувањето по жалбите, медиумското спонзорство на партиите, одвојувањето на државата од партија и други.

Еве разговараме на тема по јавниот обвинител за изборно законодавство што и да договориме тие може паралелно да пуштат нов закон, мнозинство се во парламентот и апсолутно нема смисла какво било преговарање така што овој закон мора да биде повлечен за да се даде шанса да се продолжи согласно динамиката и роковите.
Зоран Заев, претседател на СДСМ.

Претседателот на СДСМ Зоран Заев попладнево рече дека во разговорите бил вклучен и самиот Хан и изрази надеж дека тие ќе бидат затворени денеска.

Пратеникот Талат Џафери од ДУИ.
Пратеникот Талат Џафери од ДУИ.

„Еве разговараме на тема по јавниот обвинител за изборно законодавство што и да договориме тие може паралелно да пуштат нов закон, мнозинство се во парламентот и апсолутно нема смисла какво било преговарање така што овој закон мора да биде повлечен за да се даде шанса да се продолжи согласно динамиката и роковите другите теми на разговор 15 веќе наближува мораме и медиумите да ги договориме, 20 имаме техничка влада, може ќе има законски промени за надлежностите пред се на замениците министри со право на вето или слично, следува и правосудството многу теми се пред нас“, вели Заев.

Самиот факт што владејачката ВМРО-ДПМНЕ тие тројца пратеници ги доби во двата изборни циклуса мислам дека беше дел од нивната стратегија за да укажат на битноста и важноста на тие гласачи за нивната партија.
Алберт Муслиу, политички аналитичар.

Според некои информации од претставници вклучени во преговорите на работната група, меѓународните претставници вчера предложиле избирачкиот список да се проверува теренски, комбинирано со вкрстување на податоците од институциите, бидејќи за активна регистрација веќе немало време, а иселениците да не можат да гласаат. Но, до утрината партиските претставници не биле блиску до договор.

Со денови, пак, се брифира дека најспорни остануваат изјаснувањето на македонските државјани во странство и начинот на кој треба да се провери избирачкиот список.

Според аналитичарот Алебрт Муслиу, наметнувањето на дијаспората како особено важно прашање, иако пакетот за изборни измени содржи и други битни, како на пример одвојувањето на партијата од државата, е преговарачка стратегија.

„Самиот факт што владејачката ВМРО-ДПМНЕ тие тројца пратеници ги доби во двата изборни циклуса мислам дека беше дел од нивната стратегија за да укажат на битноста и важноста на тие гласачи за нивната партија. Мислам дека тоа беше дел од таа стратегија да ги зајакне тие позиции во дијаспората и при евентуална промена на изборниот модел да обезбеди што повеќе поддршка од тие гласачи кои можеби и ќе се вклучат во изборниот процес, но во некој друг облик, а не во формата што беше присутна во последните два циклуса“, вели Муслиу.

Што се однесува до дијаспората, опозицијата која всушност го отвори прашањето за нивното гласање, смета дека тие треба да го имаат тоа право, но дека бројот на гласачи со кои се избираат пратениците морал да се изедначи со оној во земјата па последниот нивни предлог беше тој да се смета за избран ако за него гласале 85-90 отсто од просечниот број гласачи со кои се избира пратеник во државава.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG