Достапни линкови

Физичка или политичка ограда?


Порака до Европската Унија, но и за домашна употреба е изјавата на министерот Поповски во врска со можната ограда на границата со Грција, оценуваат аналитичари.

Очигледно и кај нас ќе треба некаква физичка заштита за да го намалиме нелегалното преминување на границата. Тешко е тоа да се постигне за кратко време, а не е решение за долг период. Но, доколку сериозно го земеме тоа што го бара од нас Европа, тогаш ќе има потреба и од тоа - било војници, било ограда или комбинација од двете. Но, нагласувам, не го сметаме ова за добро решение.

Мислам дека ние водиме хумана грижа, доста сме хумано ориентирани кон оваа категорија луѓе, кон бегалците и мигрантите и мислам дека секој ден се подобруваат условите за нивниот прием и пречек, мислам дека доста сме солидарни кон нив.
Сузана Салиу, директорка на Центарот за управување со кризи.

Ова, како што информира денеска Министерството за надворешни работи, била конкретна изјава на министерот Никола Попоски дадена за унгарскиот неделник Фигело која предизвика низа реакции поради најавата за можна ограда и на македонско-грчката граница.

Дополнително, изјавата беше пренесена истиот ден кога по период во кој изгледаше дека државата добро се справува со мигрантскиот бран, повторно македонската полиција употреби пендреци против насобраните луѓе.

Сузана Салиу, директорка на Центарот за управување со кризи, која е и раководител на главниот штаб за кризата, и денеска вели дека работите со мигрантите се одвивале добро.

Се работи за една политичка конфузија на македонската гарнитура која во обид политички, па би рекол и популистички, да го искористи ова. Последните изјави се во рамките на политичката искористливост на бранот бегалци од аспект на популистичката и ксенофобичната реторика.
Љубомир Фрчкоски, универзитетски професор.

„Мислам дека ние водиме хумана грижа, доста сме хумано ориентирани кон оваа категорија луѓе, кон бегалците и мигрантите и мислам дека секој ден се подобруваат условите за нивниот прием и пречек, мислам дека доста сме солидарни кон нив“, вели Салиу која за случувањата вчера на границата и изјавата на министерот Попоски вели дека не можела ништо да каже, оти требало да се праша во тие институции.

Во врска, пак, со снимката од македонско-грчката граница на која се гледа како полицаец со пендрек ги тепа насобраните луѓе, од Министерството за внатрешни работи велат дека како и за секој друг случај и овој бил предаден на внатрешната контрола во министерството која требала да ја разгледа постапката на полицаецот.

Поранешниот министер за внатрешни и за надворешни работи Љубомир Фрчкоски смета дека последните случувањата се пред сè наменети за, како што вели, внатрешна употреба.

„Се работи за една политичка конфузија на македонската гарнитура која во обид политички, па би рекол и популистички, да го искористи ова. Последните изјави се во рамките на политичката искористливост на бранот бегалци од аспект на популистичката и ксенофобичната реторика“, вели Фрчкоски.

Според извршната директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права Уранија Пировска, работите се повторувале. Таа потсетува на инцидентите со шок бомбите по кои следуваше изјава на Попоски дека Европската унија не и помагала на Македонија и ситуација вчера на границата која дојде во истиот ден со интервјуто во кое министерот зборува дека размислуваат за ограда.

„Мислам дека се дозволува дури и ваквите снимки да протечат во јавност и дека на некој начин сакаат да се изврши притисок врз Европската унија. Не знам дали се причината парите, не знам дали е причината паника поради тоа што се случува па сакаат да добијат некаква помош од Европската унија, во секој случај ниту една од причините не ги оправдува средствата за присилба што се употребуваат од страна на полициските службеници и од друга страна не го оправдува индолентниот став и однесување на владата кога станува збор за заштита и помош на бегалците“, вели Пировска.

Според неа, државата треба повеќе да се ангажира и околу хуманиот однос кон бегалците и мигрантите напоменувајќи дека поголемиот дел од хуманитарната помош ја обезбедуваат граѓанските организации преку донации.

Инаку, и од граѓанските организации чии активисти се на терен пред вчерашните инциденти сметаа дека односот на државата е солиден поради тоа што им го пружаше на луѓето тоа што го очекуваа од Македонија, брз прием и транзит низ земјава.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG