Достапни линкови

Државата го држи бизнисот во поданичка положба


Илустрација: Донаторска конференција за изградба на црквата „Свети Цар Константин и Елена“.
Илустрација: Донаторска конференција за изградба на црквата „Свети Цар Константин и Елена“.

Владата може да бира кому ќе му плати веднаш, а кој ќе ги почека парите, што ги става фирмите во нееднаква положба.

Со невоведувањето механизми со кои приватните фирми полесно и побрзо би си ги наплатиле долговите од државните институции, власта всушност го држи бизнисот во поданичка положба и ги доведува фирмите во состојба да мора да молат за своите пари, велат дел од економистите.

Дали сака да ги контролира или да може да ги манипулира, тоа треба да се прашаат државните институции, но јас мислам дека од самиот почеток оваа влада има селективен однос кон странските инвестиции, кон дел од домашниот сектор и кон дел од компаниите. За некого е мајка, а за некого маќеа.
Висар Адеми, економски аналитичар.

Стопанската комора деновиве побара измени во Законот за извршување за фирмите да може со извршител да си го наплатат долгот од сметките на општините, јавните претпријатија и државните органи. Сега, судовите може да го ограничат извршувањето и, според Стопанската комора, тие тоа често го прават.

Економскиот аналитичар Висар Адеми вели дека во Македонија државата не е коректор што треба да обезбеди услови за фер натпревар на пазарот, туку директно влијае во работата на приватните фирми.

Дали се побарувањата големи или мали не е наша работа и обврска, меѓутоа, во секој случај, и да се мали и да се големи, неопходно е да се обезбеди еднаква примена на еден пропис за сите пред законот. Што значи дека проблемот кај одредени субјекти постои, не е ниту еден, ниту два случаи, малку повеќе се.
Елена Милевска – Штрбевска, оперативен директор на Стопанската комора на Македонија.

„Државата има преференцијален однос кон јавните институции и министерствата. Државата секогаш ги штити нејзините институции врз грб на приватниот сектор“, вели Адеми.

Тој вели дека на ваков начин државата бира кому ќе му плати веднаш, а кој ќе ги почека парите, што ги става фирмите во нееднаква положба. Слично нешто прави и со субвенционирањето, кога едни фирми добиваат државна помош на сметка на други, вели тој.

„Дали сака да ги контролира или да може да ги манипулира, тоа треба да се прашаат државните институции, но јас мислам дека од самиот почеток оваа влада има селективен однос кон странските инвестиции, кон дел од домашниот сектор и кон дел од компаниите. За некого е мајка, а за некого маќеа“, вели Адеми.

Стопанската комора на Македонија пред неколку дена побара измени во законот за извршување за да може полесно да си ги наплаќа долговите од државниот сектор. Според сегашното решение, парите на јавните субјекти стануваат недопирливи за приватните фирми кои им продале одреден производ или услуга, рече Елена Милевска – Штрбевска, оперативен директор на комората. Ова, според неа, создава нееднаквост меѓу приватниот и јавниот сектор и им создава ликвидносни проблеми на компаниите. Во обид да се подобри ликвидноста на фирмите, владата воведе па ја укина задолжницата, но и таа не се однесуваше на долговите од државата кон приватниот сектор.

Милевска-Штрбевска, сепак, рече дека Стопанската комора нема податоци колкава е сумата што фирмите не можат да ја наплатат од јавниот сектор.

„Дали се побарувањата големи или мали не е наша работа и обврска, меѓутоа, во секој случај, и да се мали и да се големи, неопходно е да се обезбеди еднаква примена на еден пропис за сите пред законот. Што значи дека проблемот кај одредени субјекти постои, не е ниту еден, ниту два случаи, малку повеќе се“, рече таа.

Стопанската комора најави дека иницијативата за законските измени ќе биде поднесена до Министерството за правда.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG